Во Скопје дрвја паѓаат како скапани круши

64

Во понеделникот беа паднати дрвја покрај кејот спроти некогашен „Дрво Декор“. Стеблата им беа гнили и под налетот на дождот и ветрот лесно се скршиле и паднале. Евидентирани паднати дрвја имаше и во Карпош на улицата „Никола Парапунов“, но и во Кисела Вода на улица „Пушкинова“, но и овде за среќа не предизвикале материјални штети и никој не бил повреден.

Според универзитетскиот наставник Бојан Симовски, со честите интервенции на улиците и на тротоарите се оштетува коренот на дрвјата и со тек на времето тоа доведува до нивно паѓање. Од ЈП „Паркови и зеленило“ информираат дека минатата година до нив имало поднесено вкупно 47 барања за обесштетувања поради паднато дрво

Неповолните временски прилики изминативе денови предизвикаа паѓање на повеќе дрвја на различни локации во градот. За среќа не настрада никој, а не беа причинети ниту материјални штети.

Во понеделникот беа паднати дрвја покрај кејот спроти некогашен „Дрво Декор“. Стеблата им беа гнили и под налетот на дождот и ветрот лесно се скршиле и паднале.

Евидентирани паднати дрвја имаше и во Карпош на улицата „Никола Парапунов“, но и во Кисела Вода на улица „Пушкинова“, но и овде за среќа не предизвикале материјални штети и никој не бил повреден.

Според универзитетскиот наставник за урбана дендрологија, при Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и ексинженеринг „Ханс Ем“, Бојан Симовски, со честите интервенции на улиците и на тротоарите се оштетува коренот на дрвјата и со текот на времето тоа доведува до нивно паѓање.

– Не велам дека не треба да се прошируваат сообраќајниците и да се подобрува инфраструктурата, но мора многу да се внимава на коренот на дрвјата кој се нарушува, а со тоа и статичноста на дрвото. Постои зона на коренот на дрвото до која не смее да се чепка, зависно од видот на дрвото – вели Симовски.

Појавата на оштетување на коренот на дрвјата во последно време е сè позачестена поради ваквите инфраструктурни интервенции.

– На 50 до 60-годишни единки неколку пати се интервенира во коренот долу и на тој начин неколку пати добиваат оштетувања во кореновиот систем. Лесно е кога е видливо дека со дрвото нешто не е во ред, кога има габи, инсекти, засушување на крошната, но ваквите оштетувања се невидливи и затоа доаѓа до несакани последици – тврди Симовски и повтори дека мора да се биде внимателен посебно кога се во прашање постарите дрвја.

Според него, повеќедецениските дрвја имаат поголеми придобивки за околината од оние три-четири годишни садници. Посочува дека 30 или 40-годишна липа има извонредна моќ за прочистување на воздухот од различни штетни честички, што не е случај од неколкугодишно дрво со недооформена крошна.

Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ информираат дека минатата година до нив имало поднесено вкупно 47 барања за обесштетувања поради паднато дрво. Тие не прецизираат колкава сума била исплатена како обесштетување, туку дека висината на исплатениот износ зависи од тоа колкава е настанатата штета за која самата осигурителна компанија врши процена, а со тоа одредувајќи ја и висината на цената.

– Во случај на обесштетување при паднато дрво или гранка најнапред е потребно да се извести, повика МВР и да се направи увид и полициски записник на местото на настанот. Потоа, се прават фотографии како доказ по што оштетениот доаѓа во Дирекцијата на нашето претпријатие да го пријави настанот. Потоа службено лица за осигурување од претпријатието изготвува пријава на штетата, по што таа се доставува до осигурителната компанија со која е склучен договор за обесштетување – објаснуваат од претпријатието.

Оттаму нагласуваат дека обесштетувањето се врши само во случај кога за тоа дрво има добиено Решение за сечење од Секторот за комунални работи на Град Скопје.

Од претпријатието и вчера информираа, но како што велат и секогаш кога има најави за силни ветрови, врнежи и други елементарни непогоди навремено ги известуваат граѓаните преку нивната веб-страница, како и преку социјалните мрежи да внимаваат да не ги паркираат своите возила на места каде има високи дрвја, токму од причина да избегнат настанување на несакани последици.

Оттаму, не одговорија  колку дрвја се стари, суви или деградирани и има потреба да се отстранат, посочувајќи дека тоа е во надлежност на службите на Град Скопје кои излегуваат на терен и ги обележуваат ваквите дрвја.

– Нашите екипи само ги извршуваат Решенијата за сечење издадени од страна на Град Скопје – децидни се од ЈП „Паркови и зеленило“.

Ниту од Град Скопје, иако се работи Зелениот катастар не дадоа бројки колку дрвја во градот претставуваат потенцијална опасност и треба да бидат отстранети.

(А.П.)