Во Свети Николе протестираа земјоделци од селата Мустафино и Ерџелија

21

Триесетина земјоделци од светиниколските села Мустафино и Ерџелија денеска протестираа со своите трактори пред општинската зграда. Тие бараат договор за рестрикција на водата за наводнување до нивните ниви, за кои тврдат дека се суви.

Во овие две села најмногу се произведува луцерка и пченка, култури кои бараат вода. Штети имаат бидејќи им е договорен откупот на луцерката, а поради немање вода не можат да ја пласираат на сточарите и затоа, како што велат, нивните штети се пресметуваат во милиони денари. Бараат средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и да се смени новиот раководител на Водостопанство „Овче Поле“, бидејќи, како што тврдат, на денешниот протест имал некоректен однос кон нив.

Земјоделците забележуваат дека станува збор за ниви од 2.000 хектари, а од водата за наводнување се опфатени над 250 земјоделци.

Првиот човек на подружницата на Водостопанство во Свети Николе, Митко Костадинов вели дека рестрикциите се воведени за да има правилна распределба на водата за наводнување за сите населни места. До лани се фаворизирала едната страна, а нивите во селата на крајот од каналската мрежа во Општина Лозово постојано биле суви.

Ние со земјоделците што сега протестираат сме имале неколку средби, но тие се многу тешки за разговори и не ги прифаќаат нашите аргументи и новите услови. На состаноците навредуваат и се закануваат за  што постои видео снимка, а заканите се пријавени и во полиција, вели Митко Костадинов, раководител на подружница Овче поле.

Тој потенцира дека вода не стигнува до нивите не само поради високите температури и сушата туку и поради дивите приклучоци, кои ги детектирале на терен. Од Водостопанство веќе формирале и комисија што треба да ги лоцира со што значително ќе се намалат загубире низ каналската мрежа.

Извор:МИА