Во само пет чекори: Направете листа со која 2018 година ќе ви биде најдобрата година досега

20

Нѝ остана уште малку од 2017 година и сигурно веќе правите нови големи и мали планови за наредната година.

Доколку досега и не сте биле баш најдобри во реализирањето на истите, не очајувајте – ние ви откриваме животен план кој ќе ви ја направи следната година многу посреќна и попродуктивна. Не верувате? Започнуваме полека, чекор по чекор, а вие само внимателно читајте и фаќајте белешки.

Чекор 1: Набројте 10 работи кои сакате да ги промените

Вдишете длабоко, вратете се во минатото и добро размислете што е тоа во кое не сте биле најуспешни и кои работи можеле да бидат многу подобри. Што би промениле кога би можеле? Иако ја немаме таа магична моќ која би нè вратила во минатото, секако сте научиле да не ги повторувате истите грешки.

Направете листа на работи од кои не сте задоволни и цврсто одлучете се дека ќе ги подобрите во наредната година. Притоа размислувајте во позитивна насока: моментално не сте задоволни со тие работи, но работете на своето усовршување и среќа – тоа е еден од најважните проекти со кои треба да бидете зафатени.

Чекор 2: Направете своја среќна листа

Сетете се и забележете што во текот на оваа година ве направило среќни. Потоа, направете една листа од работите за кои сте сигурни дека ќе ве усреќат и во наредната. И немојте да се оптоварувате затоа што вашата листа можеби не содржи големи работи, туку ситници како добра книга, трач-разговор со пријателките, возење велосипед, медитирање покрај плажа… важно е само она што ќе ви измами насмевка на лицето.

Чекор 3: Купете убав планер

За да уживате во сите прекрасни моменти потребно ви е слободно време и добра организација. Со таа цел, пред новата година потрудете се да станете мастер во организирање и ќе си обезбедите моменти на радост и целосно уживање.

Купете го најубавиот планер во кој ќе ги забележувате вашите обврски и ќе ги планирате вашите викенди и слободни моменти за да можете да ги поминете на најдобриот и најубавиот начин.

Чекор 4: Излезете од зоната на комфорот

Како што веќе добро знаете, многумина веруваат во фразата „Нова година – нова ЈАС“. Така и сега е вистинско време да излезете од вашата зона на комфорот и да направите работи за кои досега сте немале храброст.

Напишете од што сè се плашите и токму тоа направете го во наредната година. Се плашите да запознавате нови луѓе, да зборувате за вашите чувства, да пеете караоке или да отпатувате на некое непознато место? Токму тие стравови нека бидат првата работа која ќе ја совладате во новата година. Не само што ќе имате поголема самодоверба, туку и ќе станете нестрашливи, ви гарантираме.

Чекор 5: Запишете ги вашите „луди“ соништа и желби

Сакате да започнете сопствен бренд? Да купите стан? Да отпатувате во Мароко? Запомнете дека сѐ е возможно и дека сѐ можете барем да се обидете да го остварите. Земете лист хартија и молив и осудете се да ги напишете вашите најлуди цели, соништа, желби… Можеби на прв поглед ова ќе ви изгледа како невозможно и нереално, но предизвикајте се себеси да ги исполните.