Во Салон 19,19: Промоција на „Поезијата и возвишеното” од Иван Џепаровски

165

Во Салон 19,19 при Културно-информативниот центар, на 5 декември со почеток од 19:19 часот ќе се одржи промоција на книгата „Поезијата и возвишеното” од Иван Џепаровски, а во издание на МИ-АН. Книгата ќе промовираат Лидија Капушевска-Дракулевска и Лорета Георгиевска-Јаковлева, а модератор ќе биде Мишел Павловски.

„Теориско-критичкиот пристап во оваа студија се однесува на категоријата ‘возвишено’ и на релацијата ‘поезија-возвишено’ во втората половина на 20 век и првите децении на 21 век во контекст на македонската современа поезија и во распонот од ‘деконструктивистичкото возвишено’ на Жак Дерида, ‘постмодерното возвишено’ на Жан Франсоа Лиотар, па сè до критичкиот однос кон ваквото постмодернистичко разбирање на возвишеното во нео-пост-марксистичкиот пристап на Фредрик Џејмисон и Тери Иглтон“, стои во најавата за книгата на Џепароски, филозоф, теоретичар на културата, поет и преведувач.

Џепароски е автор е на дванаесет книги од областа на естетиката и на културната теорија и на пет поетски книги за кои ги има добиено бројни награди. Работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор по предметите: Естетика, Историја на естетиката и Теории на културата. Неговата поезија и некои од неговите есеи се преведени на повеќе јазици.