Во Радовиш на гурманска манифестација „Самун  ем  татлија“, главната ѕвезда Влатко Стефановски, ексјугословенските градот ги заобиколи

162

Од утре 30 септември, па сè до длабоко во ноќта на 2 октомври убавиот македонски град Радовиш, интензивно ќе се журка. И оваа година, под покровителство на Општината, на Градската локацијата пред Центарот за култура „Ацо Караманов“, жителите и туристите ќе имаат можност да уживаат во богата музичка програма исполнета со разни жанрови, содржини и настапи на познати музичари. Освен со песната присутните ќе се сладат и со јадењата. Изминатите години се случуваше да се продадат и по 40 илјади самуни.

Што се однесува до музичкиот дел, веднаш паѓа во очи дека нема да пее ниту една ексјугословенска пејачка ѕвезда што би можело да биде навистина интересно за дискусија. Со оглед на тоа дека претходните години во Радовиш се „изнаредија“: Јелена Розга, групата „Црвена јабука“, Наташа Беквалац, Шабан Шаулиќ, Хари Мата Хари….

Не е тајна дека има многу разочарани поради отсуството на нивните музички миленици од просторите на поранешна Југославија, но поголем дел од жителите велат дека во овие кризни времиња доволно добра забава можат да ја направат и нашите од Македонија. За таа добра забава ќе се погрижат: Бајабо Бенд, Викторија Бенд, Брас Брадерс,Јовче Пандев Бенд, Игор Џамбазов и Гуру Харе со Ибишеви. Последната вечер сите заинтересирани ќе џускаат со: Ицов и пријателите, Струмичката тајфа, Екстра бенд и Вукица, како и за крај, со Троја и Влатко Стефановски-Трио. (Д.М.)