Во театарот „Војдан Чернодрински“ започна подготовката на новата претстава во режија на Борис Василески. Како што посочува самиот режисер, „Го викаа Господин“ или, можеби, сè уште „Го викаат Господин“ се двата главни кандидата за име на претставата во овој момент.

Автор на овој драмски текст е Филип Леле, современ германски автор, кој го напишал овој текст во 2008 г., на своја триесетгодишна возраст. Претставата ќе ја следи приказната на Господин, човек кој се решава на донкихотовски начин да се бори против капитализмот, па така влегува во борба против целиот свет. Текстот сам по себе е силно врзан за современите случувања во поглед на овој доцнокапиталистички начин на живот и каква форма зазел светот кога безрезервно се остави парите да го диктираат темпото на живот, а сите вредности што постоеле некогаш да станат петтостепени. Токму и од овие размисли потекна потребата за поставување на оваа претстава, за да можеме да направиме еден чекор назад и за да се погледнеме оддалеку – на што изгледаме кога сме под влијание на парите.

– Публиката ќе има можност да погледне една фарса, овој пат на сцена, која, како и секогаш, е сестра на комедијата. Во претставата ќе играат актерите: Игор Трпчески, Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски, Дарко Карбески и Наталија Ристеска, додека сценографијата ќе биде на Ненад Тонкин, костимите на Марта Дојчиновска, а музиката на Томе Темелкоски – вели Василески.

Премиерата се очекува на крајот од ноември. Проектот е од годишната програма за работа на Театарот за 2024 г. и е поддржан од Министерството за култура и туризам.