Пред почетокот на новата реколта и пред празникот Свети Трифун, лозарите немаат одговор на нивните барања околу минимална производствена цена. Лозарите бараат да се одреди минимална производствена цена по сорти за да направат есап дали им се исплати да го работат грозјето или да го остават. Освен тоа, тие реагираат и на ниската откупна цена на винското грозје, која не само што е најниска во Европа туку и во регионот каде откупните цени се повеќе од двојно повисоки од нашата.
Според претседателот на „Напредни лозари”, Трајче Кулев, лозарите за своето производство немаат склучено договор за продажба и не знаат кое по која цена ќе им биде откупено, ниту кога ќе им биде платено.
-Разликата во откупната цена на винското грозје во Европа и во соседството е огромна. Правиме напори да се доближиме до нив. Во Европа цената е повеќекратно поголема, а во Србија, Албанија, Црна Гора откупната цена на винското грозје е повеќе од двојно повисока. Во овие земји откупната цена на „смедеревката“ е 35 денари за килограм, а на вранецот 40 денари за килограм, додека кај нас „смедеревката“ се откупува по цена од 10 денари за килограм, а вранецот по цена од 12 денари за килограм, вели Кулев.
Тој додава дека освен откупните цени на винското грозје кај нас повисоки се и цените на репроматеријалите, ѓубривата и заштитните средства. Цените на овие репроматеријали секоја година се зголемуваат, а откупните цени на винското грозје остануваат исти. Кај нас има монопол од винарски визби кои ги диктираат цените. Производителите не можат да го извезуваат грозјето надвор, бидејќи им се потребни многу сертификати.
-Цените на репроматеријалите секоја година се зголемуваат и тие директно влијаат врз производствената цена и врз тоа дали да го работиме лозјето или да се откажеме од него. Состојбата е многу тешка, бидејќи со моменталните откупни цени не можеме да го осигуриме производството и ако падне град целиот род и целата мака може да ни отиде, вели еден лозар од Кавадаречко.
Од здружението „Напредни лозари“ бараат откупувачите на винско грозје најдоцна до празникот Свети Трифун да склучат договори за откуп на винско грозје со лозарите. Во договорите да бидат внесени цените за грозјето, а плаќањето да се врши според законот за плаќање редовни фактури, а не надвор од него, со посебни клаузули. На откупувачите кои нема да склучат договори, да не им се дозволи по празникот да склучуваат договори. Но, и на оние кои склучиле, да им се забрани да откупуваат поголеми количества од договореното. На откупувачите што воопшто нема да склучат договори до празникот, да им се одземат лиценците за откуп за тековната година. (А.С.)