Во организација на Музеј Куманово и Амбасадата на Мексико: Графиките на најдобриот мексикански графичар и во Македонија

77

“Децата на земјата“ е насловот на изложбата на графики на уметникот Виктор Мануел Хернандез Кастиљо од Мексико, која е поставена во Уметничката галерија во Куманово. Изложбата, во организација на Музеј Куманово и Амбасадата на Мексико во Белград, опфаќа циклус од 16 дела изработени во техника линорез.

Викендов таа беше отворена од амабсадорот на Мексико во Србија и нерезидентниот амбасадор во БиХ, Македонија и Црна Гора, Марко Антонио Гарсија Бланко, а идејата е да се промовира соработката меѓу Мексико и Македонија. “Почнавме со реализација на културни активности во Скопје, но важно е да се оди и во внатрешноста на Македонија. Чест е оваа изложба да ја претставиме во Куманово. Идејата е да не бидеме концентрирани само во главниот град“, посочил амбасадорот.

Инаку, авторот Виктор Мануел Хернандез Кастиљо, кој живее и работи во Мексико Сити, е дизајнер и графичар по професија, чија специјалност се големи линорези. Досега реализирал самостојни изложби во Полска и Мексико, а излагал и на групни изложби во Канада, Куба, Норвешка, Јапонија, Германија, Бугарија, Италија и Чешка.

За Владо Ѓорески, уметнички раководител на Меѓународното графичко триенале во Битола, кој со Кастиљо има долгогодишна соработка, тој е еден од најдобрите автори не само во Мексико, туку и во светски рамки. “Во Куманово се случува значаен културолошки момент, затоа што авторот во секој момент може да одбира светски центри на своето претставување, а го одбра Куманово и е пресреќен за овој настан#, посочил Ѓоревски истакнувајќи дека овие дела се наоѓаат во амбасадата на Мексико во Белград, со што таа се јавува како чувар на духовното богаство.

Изложбата ќе биде поставена до 10 февруари.