Во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ пуштен во употреба лифт за лица со физичка попреченост

119

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, и американската заменик-амбасадорка во земјава, Џенифер Р. Литлџон свечено го пуштија во употреба лифтот за лица со физичка попреченост во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“. На свеченоста присуствуваа и претседателката на Советот на Општина Аеродром, Ивана Цветковска, како и секретарот на Општината, Марица Ѓурческа.

– Искрено ја поздравувам и сум инспирирана од напорната работа што се одвива во ова училиште за едуцирање и подготовка на иднината на Северна Македонија во која се опфатени сите потреби и способности. На сите деца треба да им биде обезбедено правото на рамноправно и лесно достапно образование – изјави заменик – амбасадорката Џенифер Р. Литлџон.

Градоначалникот Марин истакна дека овој ден е добар повод да се потсетиме на потребите и проблемите што ги имаат и со кои се соочуваат лицата со посебни потреби.

– Не е доволно само еден ден во годината за да им се посвети внимание на овие лица и на нивните права за еднаквост со другите – изјави градоначалникот Марин, кој истовремено му се заблагодари на американскиот народ за оваа значајна донација.

Тој додаде дека Општина Аеродром ќе продолжи со решенија за достапност и за полесно вклучување на сите припадници на ранливата категорија во социјалната средина и полесно извршување на сите активности.

Инаку, лифтот е донација од американскиот народ и чини 60.000 долари, а со неговата изградба учениците со попреченост ќе можат полесно да се движат низ училиштето и ќе бидат самостојни во извршувањето на своите задачи.