Во односите меѓу Белград и Приштина има „однапред поделени улоги“ и фактите немаат тежина, тврди Брнабиќ

44
EPA-EFE/Rafal Guz

Премиерката Ана Брнабиќ изјави денеска дека во односите меѓу Белград и Приштина, улогите се однапред поделени во кои Србија е „постојано негативец“, а Приштина е „бедна беспомошна сила која прави се што може“, и дека „фактичката ситуација нема никаква тежина“.

Брнабиќ рече дека гледачите можеле да видат како „изгледа притисокот врз Србија“ за време на интервјуто на претседателот на државата Александар Вучиќ за Си-Ен-Ен.

Таа ја обвини и целата опозиција во Србија дека „нема разлика“ што зборуваат и што зборува Приштина, кога се во прашање настаните на Косово.

Брнабиќ рече дека „не го оправдува“ убиството на никого, дури ни убиството на албанскиот припадник на косовската полиција, но додаде дека Србите на Косово трпат постојан притисок од властите во Приштина, поради што тоа е „ прашање на денови, прашање на минути“ кога ќе се случи инцидент.

Запрашана за коментар за апсењето на Милан Радоичиќ, до неодамна функционер на Српската листа, кој е осомничен за организирање на вооружен инцидент во кој на 24 септември во Бањска на северот на Косово беа убиени косовски полицаец и тројца униформирани и вооружени Срби , Брнабиќ рече дека Србија е „правна држава“. „Ова е правна држава и ќе направиме се што треба согласно законот и Уставот, да ги истражиме сите околности“, рече Брнабиќ.

Таа додаде и дека „мора да ги собереме сите докази и да ја одбраниме апсолутната вистина“, пред седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации за Косово закажана за 18 октомври.