Во новиот парк ќе има лавиринт со природна ограда, простор за шах, место за вежбање, скејтборд…

257

Општина Илинден се подготвува за изградба на втората фаза од спортско-рекреативниот парк „Илинден“ кој ќе се протега по должина на пешачко-велосипедската патека која ги поврзува населените места Илинден, Марино и Кадино. Се предвидува изградба на лавиринт со природна ограда, потоа шаховско поле со големи фигури, катче со детски реквизити, како и дел со справи за вежбање на отворено. Паралелно со овие активности ќе се поставува урбана опрема (клупи, корпи за отпадоци), а на неколку локации ќе се постават и чешмички за вода за пиење

 

Општина Илинден се подготвува за изградба на втората фаза од спортско-рекреативниот парк „Илинден“. За таа цел распишана e јавна набавка во рамките на која се бара фирма која ќе ги изведе градежните активности.

Како што информираа од Општина Илинден, во втората фаза се предвидува изградба на лавиринт со природна ограда, потоа шаховско поле со големи фигури, катче со детски реквизити, како и дел со справи за вежбање на отворено.

– Паралелно со овие активности ќе се поставува урбана опрема (клупи, корпи за отпадоци), а на неколку локации ќе се постават и чешмички за вода за пиење – објаснуваат општинските власти.

Спортско-рекреативниот парк „Илинден“ се протега по должина на пешачко-велосипедската патека која ги поврзува населените места Илинден, Марино и Кадино.

– Ова е многу користена патека од граѓаните кои слободното време го користат за возење на велосипеди, ролерки, како и рекреативно пешачење. Со овие активности ќе се овозможи простор плус за рекреација на граѓаните – велат од Општината, додавајќи дека на крајот ќе се уредат зелените површини од паркот.

Од Општината велат дека ќе ги интензивираат работите не прецизирајќи кога тие би завршиле.

Засега како што информираат од локалната самоуправа, во спортско-рекреативниот парк Илинден“ изграден е дел од скејт-паркот за спортови на ролери и скејтборд (слалом – скејт, спид скејт инг, фристајл скејтинг и други спортови), а реализацијата на овој проект вреден 4,3 милиони денари е финансирана со средства од грант стекнат по успешната имплементација на проектот „Реконструкција на локалниот пат Кадино-Клучка автопат А4”, финансиран со подзаем од МСИП.

Локацијата на скејт-паркот е во централното подрачје на Општината, и е дел од проектот „Спортско-рекреативен парк Илинден”, чија цел е да организира спортски и рекреативни активности.

– Со изградбата на скејт-паркот за спортови на ролери и скејтборд се создаваат квалитетни услови и можности за промовирање на спортски активности и натпревари кои досега ги немаше во Македонија, а се застапени во европските земји. Ова ќе придонесе за привлекување на гости од други држави за учество на натпревари, но и посета на туристи од други региони од земјата и од странство – нагласуваат од Општината и додаваат дека изградбата на скејт-паркот е особено важна за подобрување на квалитетот на живот на младата популација.

– Младите ќе добијат место каде што ќе уживаат во активностите, каде што ќе можат да ги покажат своите креативни вештини, во насока на создавање на здрави навики – децидни се општинските власти.

Овој проект е дел од Стратешкиот план за локален економски развој на општина Илинден за периодот 2017-2021 година во областа на културата и спортот, односно за изградба на спортско-рекреативна инфраструктура.

Инаку целиот спортско-рекреативен парк „Илинден“ се протега на површина од 18.000 квадратни метри и според проектната вредност комплетната негова реализација би чинела 25 до 30 милиони денари, а средствата ќе се обезбедат од бизнис секторот и со аплицирање пред институциите во државата.

(А.П.)