Во НОБ: Промоција на книга и изложба на Живојин Трајановиќ

54

Во фоајето на Националната опера и балет, на 13 февруари во 12 часот ќе се одржи промоцијата на книгата „Сценографското дело на Живојин Трајановиќ“ од проф. д-р Владимир Величковски, која ќе биде проследена со изложба од уметничкото творештво на академскиот сликар-сценограф Живојин Трајановиќ.

Изложбата ќе опфати идејни решенија за голем број претстави, презентирани во вид на скици. Концепциски е поделена на оперски, балетски и драмски дел, бидејќи речиси целиот работен век Трајановиќ го поминал како сценограф на операта во Националната опера и балет.

На промоцијата, која се реализира во соработка со Дирекцијата за култура и уметност, ќе се обратат авторот Владо Величковски, промоторката Татјана Филиповска, директорот на Национална опера и балет Васо Ристов, музикологот Костадин Костадиновски, и како модератор Снежана Конеска-Руси. Присутните ќе имаат можност да проследат кратка музичка програма во изведба на оперските солисти Славица Петровска Галиќ, Марјан Николовски, Васко Здравков со пијано придружба на Елена Силјановска и балетскиот солист Ивана Коцевска.