Во Музејот на современа уметност – Скопје од утре почнува вториот дел на КРИК 05 – Фестивал за критичка култура во организација на Контрапункт, а ќе се одвива до 18 септември.

Темата на Фестивалот е „Конечноста и кршливото општество – социјализам, слобода и секуларност“, инспирирана од книгата на Мартин Хеглунд „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“.

Огранизаторите соопштија дека утре, со почеток од 19:30 часот, ќе се одржи предавање на Елизабета Шелева во разговор со Мања Величковска – „Тропи на ранливоста (потеклото како долг или бегство од биографија)“.

Истата вечер од 21 часот, џез составот „Кадабајас“ ќе одржи концерт.

Наредниот ден, 16 септември, од 19:30 часот во МСУ ќе се одржи „Политичкото естетско: релационост, ранливост и антагонизам“ –предавање на Славчо Димитров во разговор со Артан Садику. Во истиот термин на 17 септември ќе има дијалог на Артан Садику и Станимир Панајотов од Бугарија, насловен „Смртта и сексуалноста“.

– На финалниот ден, 18 септември, од 19:30 часот ќе биде премиерно прикажан краткиот филм на Иван Блажев „All time is all time“, по што ќе се одржи „Пролегомена за една комунитативна ангажираност“ – предавање на Небојша Вилиќ, проследено со излагања и разговор со Натали Р. Павлеска и Јованка Попова, информираа организаторите.

Годинашното петто издание својата програма ја започна во јуни (во јунската програма гости беа Франко Берарди Бифо, Џули Реше, Светлана Слапшак, Томислав Медак и Алфредо Саад Фиљо) и ќе се одвива до декември.