Во МКЦ: Изложба за архитектонското наследство

83

“Загрозен модернизам: архитектонски сценарија за адаптивна (ре)употреба“ е насловот на изложбата што ќе се отвори утревечер (8 февруари), со почеток од 20 часот во Галеријата на Младинскиот културен центар.

Изложбата претставува сегмент од научноистражувачкиот проект “Загрозен модернизам“, насочен кон препознавање, проучување, вреднување и промоција на архитектонското наследство од периодот на Модерната на територијата на Република Македонија.

Целта на проектот, на документарно ниво, е да пронајде и собере значаен историски материјал како документација, цртежи, фотографии, а на научноистражувачко ниво, да изврши вреднување на избрани примери на архитектонското наследство и да ги утврди главните фактори, кои довеле до нивно загрозување.

Автори на истражувањето и изложбата се: доц. д-р Ана Ивановска Дескова, доц. д-р Горан Мицковски, вонр. проф. д-р Елизабета Касапова и вонр. проф. д-р Јован Ивановски.