Како што информираат од Институтот за јавно здравје, се работи за вирусна заразна инфекција која не се пренесува од човек на човек, туку од секретот на полски глушец на човек. Најкритично во земјава било во 2017 година, кога 16 лица заболеле, а две, како последица на вирусот, починале. Последниве две години имаме од еден до три случаи годишно, а во 2020 година ниту еден. Во Европа, пак, се забележува зголемување на бројот на случаи, и тоа конкретно во Австрија, БиХ, Хрватска, Франција, Германија, Луксембург, Словенија, Словачка, Албанија и Турција

Во Македонија, деновиве за прв пат годинава е регистриран првиот случај на заболено лице со хеморагична треска со бубрежен синдром. Како што информираат од Институтот за јавно здравје, се работи за вирусна заразна инфекција која не се пренесува од човек на човек, туку од секретот на полски глушец на човек. Според лекарите од оваа институција, вирусот се пренесува на луѓето преку изложеност на телесни течности или излачувања или во директен контакт со глувци. Болеста има сезонски карактер, најголем број случаи се регистрираат во пролет, почетокот на летото и есента, кога луѓето повеќе престојуваат на отворено.

Од 2004 година, во земјава е задолжително пријавување на вакви инфекции, а во периодот од 2009 до 2016, пријавен е по еден случај од ова заболување.

– Вирусот се излачува во животната средина преку урината, изметот и плунката на заразените глувци, кои немаат никави симптоми на болеста. Човекот може да се зарази преку директен контакт со овие секрети преку оштетена кожа или слузокожа на очите, устата, носот, консумирање загадена храна или вода, како и вдишување прашина која содржи суви излачувања. Инфекцијата се јавува само при свежа контаминација на околината со излачувања од глувци што го содржат вирусот – објаснуваат од ИЈЗ и дополнуваат дека најкритично било во земјава во 2017 година, потврдени се 16 заболени, а две лица, како последица на вирусот, починале.

Од 2015 година, во Македонија речиси секоја година има по неколку случаи. Но, за разлика откај нас, каде што овој вирус последниве години, и тоа во 2018, 2019 и 2021, се регистрирани по три случаи, а во 2020 година немало ниту еден случај, во Европа се забележува зголемување на бројот на случаи, и тоа конкретно во Австрија, БиХ, Хрватска, Франција, Германија, Луксембург, Словенија, Словачка, Албанија и во Турција.

Од заразувањето, периодот на инкубација до почетокот на болеста се движи од неколку дена до речиси два месеца, но обично од две до четири недели.

– Болеста се карактеризира со висока температура, премаленост, гадење, повраќање, крвавења по кожата, слузокожата, внатрешните органи и oштетување на бубрезите. Смртноста од болеста е помеѓу 0,5 и 15% – информираат од ИЈЗ.

Покрај оваа зараза, постои и конго-кримска хеморагична треска, која е широко распространета и се пренесува преку крлежи или преку контакт со заразена крв или животински ткива за време и непосредно по колењето на животните. Поголемиот дел од случаите на заболување се однесуваат на луѓе кои се вклучени во работата со добиток, како што се земјоделските работници, работниците во кланиците и ветеринарите.

Според ИЈЗ, првата опишана епидемија на ова заболување во земјава е во 1971 година, при што заболеле 13 лица, со два смртни исхода во едно семејство, во с. Чифлик, Тетовско. По оваа епидемија, лабораториски е потврден еден случај во 2010 година и оттогаш нема друг случај. Од соседните земји, болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски земји.

(В.Ма.)