Во Културниот дом „Илинден“: Карван на креативни работилници за креативно пишување

131

Во Културниот дом „Илинден“, в сабота, 9 ноември, ќе се одржи завршниот настан од проектот „Карван на креативни работилници за креативно пишување“ на менторката Елена Пренџова што се реализира во рамките на манифестацијата „Нов културен бран 2019 година“ и е поддржан од Министерството за култура. Учесниците од сите градови каде што се одржувале работилниците ќе се соберат на едно место и јавно ќе ги претстават своите дела. Дел од настанот е и изложба на интертекстуалните колажни песни направени за време на работилниците, како и поетско читање на авторските дела.

Проектот се реализираше во октомври и ноември, во осум општини низ земјата, последователно, на кои учествуваа ученички и ученици од општинските основни и средни училишта. Менторката Елена Пренџова досега одржала повеќе работилници за креативно пишување во земјата и во регионот со различни програми од кои најпознати се програмите за надреалистични техники за пишување и за ориентални кратки поетски форми. Инаку Пренџова е поетеса, слемерка, дипломирана професорка по англиски јазик и книжевност и магистерка по филолошки науки и моментално работи како лекторка по предметите Стручен англиски јазик на Европскиот универзитет во Скопје.