Во „Кочо Рацин“: Промоција на поетска книга од Елена Пренџова

233

Во Домот на културата „Кочо Рацин“, утре (16 мај), во 20 часот, ќе се одржи промоција на второто издание на поетската книга „Шшш! Интимистичка Вајбер поезија“ од Елена Пренџова. На промоцијата за книгата ќе говори книжевната критичарка и поетеса Марија Мијаковска.

Книгата во јуни 2018 година ја доби наградата „Јован Котески“ за најдобар поетски ракопис на книжевната манифестација „Струшки книжевни средби – 2018“, а Пренџова е првата поетеса на која ѝ е доделена оваа награда.

„За авторката ‘Шшш!’ не претставува активистичка општествено ангажирана поезија, како што се карактеризира стилот на нејзиниот слем, на пример, туку смирена, длабоко рефлексивна и љубовно-еротска поезија која не треба да се очекува да се чуе на сцена, туку треба да се повикаат тихите одеци на стиховите во умот на оние што ја читаат. Ова е седма по ред авторска поетска збирка на Пренџова, а таа има објавено авторска книга есеи, говори, коментари и размисли за поезијата“, стои во најавата за промоцијата.