Во Кочани се одржа „Розова прошетка – трка за лек“

23

Локалниот огранок од Кочани на Здружението „Борка – за секој нов ден“, ја одржа традиционалната Розова прошетка под мотото „Трка за лек“. Настанот почна од Паркот на Револуцијата и продолжи по градските улици, а е во знак на поддршка на сите кои се борат против ракот на дојката, при што симболично беа пуштени и розови балони.

– За време на пандемијата, на пациентите со карцином на дојка им е потребна поддршка повеќе од кога било. Овој проект, единствен од ваков вид, во себе ја содржи хуманата мисија за помош и поддршка на илјадници пациенти кои се борат со ракот на градата, болест која одзема многу животи. Во настанот се вклучени сите граѓани, за да бидеме сплотени и сите заедно да им помогнеме на оние кои поминуваат низ голготата, да им оддадеме почит на оние кои нè напуштиле, но и да упатиме апел до оние кои се здрави да се грижат за своето здравје, затоа што само така ќе можат да споделат многу љубов со своите сакани подолго време – истакна Валентина Андонова, локална координаторка на Зружението „Борка“.

Розовата прошетка се организира со поддршка од Општина Кочани, преку Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите. Учесниците во „Трката за лек“ добија маичка со овогодишното лого, а настанот се спроведе според протоколите за организација на јавни настани, за заштита на здравјето во услови на ковид-19.