Под мотото „Знаеме што сме, но не знаеме што можеме да бидеме“, утре (20 мај) во Кочани почнува 61. Драмски аматерски фестивал на Македонија (ДАФ), кој ќе трае до 26 мај.

Фестивалот свечено ќе биде отворен со претставата „Вечера за глупаци“ на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“ од Велес. Во конкуренција за наградите, театарската публика годинава ќе има можност да ги проследи претставите на десетина домашни групи и ансамбли, но и драмски групи и ансамбли од Ниш, Крагуевац, Прокупље и Смедеревска Паланка од Република Србија.

Во текот на шесте фестивалски дена, на сцената на Центарот за култура „Бели мугри“ ќе бидат изведени по три претстави дневно: во пладневниот, вечерниот и во ноќниот термин.

Фестивалската програма ќе биде збогатена со придружни културни манифестации, а поддршка за нејзината реализација е добиена од Министерството за култура и од Општина Кочани.

Во рамките на Фестивалот и годинава ќе бидат доделени вкупно осум награди: за најдобра женска епизодна улога; за најдобра машка епизодна улога; за најдобра женска главна улога; за најдобра машка главна улога „Никола Димитров”; за најдобра режија „Борис Стојчев“; за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар; специјална награда за најдобра претстава во категоријата Театар за деца и младинци, како и гран-при „Васил Ќортошев“.

– Драмските, уметничките и етичките вредности на актерите и аматерските драмски проекти во целина ќе ги оценува тричлена жири-комисија – се истакнува во пропозициите на Управниот одбор на ДАФ.