Во Кисела Вода и Гази Баба одбележан националниот ден на Унгарија

37

Со пригодни свечености и положување цвеќе пред споменикот на Шандор Петефи, општините Кисела Вода и Гази Баба го одбележаа Националниот ден на Унгарците.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски посочил дека самото поставување на спомен одбележјето на истакнатиот поет и револуционер Шандор Петефи говори за големо почитување на општина Кисела Вода кон унгарскиот народ.

– Ова е уште еден чекор напред кон воспоставување на уште подобри односи со Република Унгарија и значаен придонес во развивање на културните врски со Унгарија, ширењето на унгарската култура, но и за приближувањето на македонското литературно творештво до унгарската публика – истакнал Темелковски.

Амбасадорот на Унгарија во Македонија Ласло Иштван Дукс искажал задоволство што повторно заедно со општина Кисела Вода го прославува националниот празник на Унгарија.

На настанот биле доделени и награди за најдобрите од распишаниот конкурс на теми поврзани со животот и делото на Шандор Петефи и Унгарската национално-ослободителна војна и буржоаска револуција 1848-1849. Михаела Здравковска од ООУ “Св.Климент Охридски” и Деспина Стојмировска од ООУ “Кузман Шапкарев”, ќе добијат организирана деветдневна екскурзија во Унгарија.

Националниот ден на Унгарија беше одбележан и во Гази Баба каде на спомен-плочите на Лајош Кошут и Франц Лист цвеќе положија амбасадорот Дукс и градоначалникот Борис Георгиевски.