Во кино-салите или во домашна атмосфера: Филмски приказни за есенските вечери

75

Некои од овие филмски наслови кои се жанровски разновидни (комедии, трилери, драми, акциони, хорор) ќе ви го привлечат и задржат вниманието во периодов кој следува. Можете да ги погледнете или на големото платно или на стрим-платформите…

„Зад решетки“

Во кината периодов може да се погледне американската акција „Зад решетки“ (Copshop) со Џерард Батлер во главната улога. Бегајќи од смртоносен платен убиец, лукав измамник смислува план да се скрие во полициска станица во еден мал град. Но кога убиецот се појавува во полициската станица, една млада и неискусна полициска службеничка се наоѓа во средина меѓу убиецот и измамникот. Режијата е на Џо Карнахан, а во останатите улоги настапуваат Френк Грило и Тоби Хус.

„Ноќната куќа

„Ноќната куќа“ (The Night House), пак, е интригантен хорор и интересен за љубителите на овој вид жанр. Во него, една вдовица почнува да ги открива вознемирувачките тајни на нејзиниот починат сопруг и сето тоа се случува во морничава куќа. Во овој американско-британски филм улогите ги толкуваат Ребека Хол, Сара Голдберг, Стејси Мартин, Еван Јонигејт. Режијата е на Дејвид Брукнер.

„Слободен дечко“

Расположете се со американската комедија „Слободен дечко“ (Free Guy). Филмот е за светот на играта Free City, и за Гај кој е лик со кој не се игра (NPC), а кој работи како службеник во банка. Благодарение на програма развиена од програмерите Мили и Кис, Гај станува свесен за неговиот свет и дека е лик во видео игра и презема неколку чекори да стане херој, пред девелоперите да ја прекинат играта. Улогите ги толкуваат Рајан Рејнолдс, Џоди Комер, Таика Вајтити, Џо Кери, а режијата е на Шон Леви.

„Нечиста крв: Грев на предците“

На големото платно може да се погледне и српската драма на „Нечиста крв: Грев на предците“. Филмот го следи Трифун угледен српски трговец, кој се обидува да го зачува мирот со турските власти, но и да го одржи својот углед во Врање – важен турски град во близина на ослободена Србија. Додека Трифун ги подготвува своите два сина да го наследат на позиција водичи меѓу српскиот народ, турските бегови му прават проблеми… Улогите ги толкуваат Драган Бјелогрлиќ, Анѓела Јовановиќ, Катарина Радивојевиќ, режијата е на Милутин Петровиќ.

„Голема бела ајкула

„Голема бела ајкула“ (Great White) е австралискиот хорор-трилер кој може да ја заинтересира публиката. Во него, група пријатели патуваат на изолиран остров со авион. Но наскоро, забавното патување се претвора во хорор кога нивниот авион е уништен, заробени се на рафт на 100 милји од најблискиот брег со ајкула која плива и демне под површината… Режијата е на Мартин Вилсон, а улогите ги толкуваат Катрина Бовен, Арон Јакубенко, Кими Тукакоши.

„Додека смртта не нѐ раздели

„Додека смртта не нѐ раздели“ (Тill death), пак, е насловот на американскиот хорор кој се препорачува за љубителите на трилери. Во него, Ема е заглавена во здодевен брак со Марк и е изненадена кога тој ќе ја одведе во нивната подзаскриена езерска куќа на романтична вечера по повод нивната 10-годишнина. Но, сè се менува следното утро кога Ема ќе се најде со лисици на рацете, врзана за мртвото тело на Марк… Режијата е на С.К. Дејл, а улогите ги толкуваат Меган Фокс, Ејон Меккен, Калан Малвеј, Џек Рот, Лили Рич.

„Брат ми брка диносауруси

За љубителите на семејни драми, пак, е комедијата „Брат ми брка диносауруси“ (My brother chases dinosaurs) која е во италијанско-шпанска копродукција. Ова остварување ја доби наградата за најдобар филм за млада публика на Европската филмска академија во 2020. Во него, Џек отсекогаш посакувал да има помал брат и кога Џио ќе се роди, неговите родители ќе му кажат дека неговиот брат е „посебно“ дете. Тогаш Џио станува суперхерој со волшебни моќи во имагинацијата на неговиот поголем брат. Со време, Џек ја дознава вистината: неговиот брат има Даунов синдром, и одлучува ова да го чува како тајна… Режијата е на Стефано Ципани, а улогите се на Алесандро Газман, Изабела Рагонесе, Роси де Палма.

Ледениот пат

За оние, пак, кои сакаат добра акција го претставуваме американскиот трилер „Ледениот пат“ (The Ice Road). Во него, откако рудник за дијаманти колабира во северна Канада, возач на мраз мора да ја води невозможната мисија за спасување на заробените рудари. Главната улога ја толкува Лијам Нисон, а играат и Лоренс Фишбурн, Амбер Мидтандер, Холт Макалани, Мет Мекој. Режијата е на Џонатан Хенслеџ.

„Најдолгата ноќ

„Најдолгата ноќ“ (Vanquish) е американската криминалистичка акција во која исто така може да ужива публиката. Во неа, Викторија, која сега е мајка, се обидува да го остави криминалното минато зад неа. Но, пензионираниот полицаец Дејмон, знаејќи дека Викторија била руски курир за дрога, ја држи нејзината ќерка заложник сè додека таа не ја заврши задачата која тој ѝ ја поставува. Викторија има краток рок за да ја заврши задачата и мора да користи многу оружје, многу храброст и мотори за да ги избегне насилните гангстери, или никогаш веќе нема да ја види ќерка си… Улогите ги толкуваат Морган Фриман, Руби Роуз, Патрик Мулдон, а режијата е на Џорџ Гало.

Патници

За оние, пак, кои преферираат научно-фантастични теми, „Патници“ (Voyagers) е вистинскиот насловот. Оваа американска фантазија-авантура, сместена во блиска иднина, ја раскажува одисејата на 30 млади момци и девојки кои се пратени на мулти-генерациска мисија во вселената, во потрага по нов дом. Мисијата наскоро оди во нова насока, целиот екипаж запаѓа во лудило и повеќе не знаат дали опасност демне надвор од бродот или самите тие се опасноста… Улогите се на Колин Фарел, Тај Шеридан, Лили-Роуз Дип, а режијата е на Нил Бургер.

„Спејс Џем: Ново наследство

Љубителите, пак, на анимирани филмови можат да уживаат во „Спејс Џем: Ново наследство“ (Space Jam: A New Legacy) кој е продолжение на „Space Jam“. Кога ѕвездата на НБА Леброн Џејмс и неговиот син – кој сонува да биде креатор на видео игри – се заробени во виртуелен простор од одметникот Алг Ритам, Леброн мора да се здружи со Душко Долгоушко, Паторот Дачо, Прасето Гицко и останатата Looney Tunes банда и да ги победат Силеџиите – тимот на Алг Ритам, составен од моќни професионални кошаркари во дигитална верзија. Шашавите цртани ликови ќе се соочат со Силеџиите, во најважниот предизвик во неговиот живот и ќе ја дефинира врската што Леброн и неговиот син ја имаат. Во оваа американска акција-анимација, улогите се на Леброн Џејмс, Дон Чадл, Крис Дејвис, а режијата е на Малком Д. Ли.

(Н.И.Т.)