Изложба на дела од меѓународната деветтата по ред Радовишка ликовна колонија е поставена во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци.
Директорката на културниот дом, Јулијана Туруманџова, на отворањето на изложбата рече дека стремежот кон приближување до светските современи ликовни тенденции, артикулирани преку апстрактниот пејзажизам и геометриската апстракција, ги обединува ликовните автори на делата претставени на оваа Ликовна колонија.
– Ликовната колонија е под менторство на Душан Коцев, претседател на Здружението на ликовни уметници на Радовиш. На оваа Колонија, низ годините, наназад учествувале познати имиња од странство, но и домашни уметници. Изработени се дела во повеќе техники, во маслена техника на платно, акрил на платно, комбинирана техника и акварел. Во текот на Ликовната колонија, уметниците имаат создадено 33 дела различни по стил, различни по својата индивидуалност и реализација – подвлече Туриманџова.