ВО ИСЧЕКУВАЊЕ НА ОСКАРИТЕ: Насмевката на Атиџе

388

Чудесна е, шармантна до болка, со широка насмевка што плени, насмевка мевлем за болна душа, поросена со магичност која поттикнува верба и надеж, инспиративна за секојдневна комуникација – едноставно, човечко суштество од кое извираат чувства.

Стегнал студ, а околу душата чудна топлина. Ја гледам и не можам да поверувам во постоењето на човечки бастион пред кого и природата се поклонува. Жилаво човечко суштество со кревка структура, а толку моќно, толку инспиративно, толку добродушно. Таа зрачи. Да, таа чудесно зрачи. Од неа извира нешто скапоцено, бесценето, спонтано. Нешто што му недостасува на тмурното секојдневие. Таа е едноставна, блиска, пристојна и моќна. Би рекол, питомо разбирање на животниот тек. Но таа знае и да се брани во име на природата, а потоа и во сопствено. Доказ за тоа е судот и судските претреси. Тоа е непријатен допир со цивилизациските норми, сурова вистина и можеби несакана сплотеност на урбаниот свет со недопрената природа. Таа е можеби во право и се надева на поволен исход. Но тоа е веќе во доменот на цивилизациските правила односно неправди на правото и актерите што го застапуваат. Ајде да се обидеме да бидеме на нивото на таа навидум беспомошна, а моќна единка пред чија насмевка паѓаат и најголемите цивилизациски неправди, па да кажеме дека со неа ќе успееме да ги „покориме“ членовите на елитната Американска академија за филм во февруари во Лос Анџелес? Урбана средина и недопрена природа? Кој знае? Можеби… во очекување сме сите љубители на уметноста, ама и на природата!

Нејзе можеби нема да ја променат светлата на призорот во кој вплови не по своја вина туку по вината на младите македонски уметнички души кои на суптилен начин успеале да допрат до пазувите на природата во која егзистирало чудото кое би го нарекол „медениот чувар на цивилизацијата“. Зачестени интервјуа, амбиент што бара чудесни промени и прилагодување, по стотина пати објаснувања за начинот на живот, рефлектори, интервјуа, патувања, прашања и одговори. Можеби мачно за една личност која ги уживала забавените импулси на животот односно на природата, но и потреба на мигот кој лесно може да ја дрпне од тие топли и не секогаш пријатни пазуви? Зарем може да се случи последниот чувар на природата на нашиот континент, така атрактивно и лесно да биде понесен од виорот на славата, па да се претвори во обичен запчаник од големиот механизам на цивилизациското стампедо? Сè е можно, секако. Но значи ли тоа дека тогаш таа волшебна насмевка, силното оружје на Атиџе, ќе исчезне од нејзиното лице? Дали тоа би можело да значи симболично гаснење на вистинските вредности на недопреното во нас и околу нас?

Џокерот на Јоаким Феликс е насмевка. Но таа насмевка му припаѓа на мрачното секојдневие на урбаната средина. Одраз на маките и проблемите со кои постојано војува денешниот урбан изданок – човекот. Во неа како да има и извештаченост затоа што ние и самите не знаеме каква насмевка ќе си наденеме кога изутрина застануваме пред огледало. Таа насмевка е нашата маска, маска на постоењето. Ние се преправаме, не сме тие зад насмевката. Насмевката на нашата Атиџе е широк хоризонт од питомост, топлина и добродушност. Полека но сигурно, сето тоа како да исчезнува од нашите животи во мигови кога цивилизацијата е на голем крстопат, кога искушенијата маваат по свеста и совеста, кога порочната лепеза постојано се шири со нов пеколен репертоар.

Атиџе и Џокерот ќе се сретнат на свеченото доделување на Оскарите во Лос Анџелес на 9 февруари. Две различни насмевки, два света кои ги заслужуваат златните статуетки. Дури и повеќе од тоа. Тие не се конкуренција туку сплотеност на спротивности. Тие ја сочинуваат целината на животот, на нашите навики, на секојдневието. Едната му припаѓа на рустикалниот амбиент на недопрената природа со тони чист воздух и спокој кој инспирира, а втората е застрашувачки израз на проблемите на урбаниот човек кој постојано прета заглавен во железната пајажина на правилата кои тивко и морбидно го обезличуваат и уништуваат.

Па, дами и господа од Академијата, се надеваме и очекуваме овие две насмевки да ни ја стоплат душата на „црвениот тепих“ и да ни го покажат вистинскиот пат по кој треба да зачекори оваа наша цивилизација. Впрочем, сите ние имаме право на „Зимска бајка“!

Љубомир Јованоски,

Гостивар, јануари 2020