Во ист ден се родија и Зоран и „Вечер“

163

Зоран Мирковски има едиствена и исклучителна приказна која е поврзана за два родендена во ист ден, на еден човек и на еден медиум кои годинава слават 55 години. Нивната судбина е испреплетена, но означена од датумот на нивното заедничко раѓање – 11.11. 1963. Родени само неколку месеци по катастрофалниот земјотрес кој го погоди главниот град на Македонија, и Мирковски и “Вечер“ се “скопски деца“, го дишеле урбаниот дух на Скопје, а денес стојат стабилно и задоволно на својот животен пат …

“Роденденот на “Вечер“ и мојот е на 11 ноември 1963 година. Нумеролошки 11. 11. значи постојано млад и постојано на почеток и верувам дека тоа е судбината и на весникот “Вечер“, но и мојата. И покрај кризите во медиумите во Македонија, кога повеќето печатени медиуми згаснаа, тој да постои и опстои“, ќе истакне Зоран Мирковски, кој има едиствена и исклучителна приказна која е поврзана за два родендена во ист ден, на еден човек и на еден медиум кои годинава слават 55 години.

Роден на Клиниката во Скопје, само неколку месеци по катастрофалниот земјотрес кој го погоди главниот град на Македонија во 1963-та, од мајка Марија и татко Љубомир, Зоран Мирковски и не можел да претпостави дека неговиот роденден ќе се врзе за раѓањето на еден медиум-весник, како и со започнувањето на една историја на македонскиот медиумски простор, и дека токму тој медиум ќе стане негов кум.

На 11.11. 1963 излегол првиот број на весникот, но се родил и Зоран…

“Кога сум се родил, татко ми на прашање на баба ми кој ќе ми биде кум, и кажал дека тој самиот ќе ми биде и татко, и кум, иако моите имале некое старо кумство. Јас сум роден во 17, 20 минути, а редакцијата донела одлука дека ќе му станат кумови на она дете кое прво ќе се роди на клиника. И додека мајка ми лежела во болница, дента ја посетиле претставници на редакцијата “Вечер” и на моите родители им кажале дека излегол првиот број на весникот и дека сакаат да ми бидат кумови”, ја почнува приказната Мирковски кој посочува дека името Зоран му е дадено за да се поистовети со повторното будење и растење на градот, кој во 1963-та го доживува најголемот земјотрес во својата понова историја. Тој со задоволство се сеќава дека секој роденден неговите кумови – Вечеровци доаѓале дома кај него, се седало до доцна и се славеле двата родендена, а Зоран како дете добивал и многу подароци од кои, некои никогаш нема да ги заборави како: опрема за фудбал, велосипед пони, рачен часовник Darwil, лизгалки, а “Вечер” му отворил и штедна книшка.

Додека раскажува и се присетува на овие спомени од детството го врти својот албум полн со црно-бели фотографии, како и со исечени статии од весникот “Вечер”. Тие статии се однесуваат на неговите родендени, првиот, вториот, третиот… се до моментите кога тргнува на училиште, потоа тука се и неговите детски желби што сака да биде кога ќе порасне… тука се и првите новинари на “Вечер”: Јордан Ивановски, Мирко Миронски, Гроздан Попов, Живко Поповски Чик, Живко Илиевски…

Оваа традиција, во славење на заедничкиот роденден на “Вечер“ и на Зоран траела на обострано задоволство на кумовите и кумашините, но во 90-те години на минатиот век заради општествените и политичките неприлики кои ја опфатија Македонија, таа била прекината. “Можеби и заради финансиски прични не се почитуваше традицијата на славење на роденденот, но потоа благодарение на една иницијатива на неколку вработени во весникот “Вечер“ таа традиција продолжи. Ми предложија да се обнови традицијата на кумството, на што јас радо прифатив. И мислам дека не е многу познато дека “Вечер“ има кумство“, вели Мирковски кој се присетува дека последен пат заеднички со “Вечер“ го славеле 50-от роденден.

Генерација која го носи скопскиот урбан код: Тоа е и “Вечер”

По татко скопјанец, а родум од Дебар маало, на улица Илинденска, кумашинот на “Вечер“, има растено низ градските улици на Скопје. “Потекнувам од Дебар маало и зградата на моите е кај Зоолошката градина, а јас гравитирам во градското јадро. Татко ми беше вработен во Монопол – Тутунски комбинат Скопје. Учев основно во Христијан Тодоровски- Карпош, во “Орце Николов” средно, а завршив Економски факултет. Го живеев дебармалскиот дух на урбано Скопје, “до искачање” во градските кафулиња и познатите места како Пирамида, Чао, Камел, Џаџо, Маџо, Ани, Бони, Аполо, Матиник, Булевар, Рандеву, па до Стара чаршија…“, се присетува Мирковски кој вели дека во тој период имало повеќе дружење и многу добра музика. “Тоа беа убави, сигурни времиња, немаше тепачки, како сега… Го живеев тој нормален урбан живот, а имаше и многу смешни ситуации кога нема да те пуштат на врата во кафуле или пак, кога целата чаршија мириса на ист парфем – зелениот “Брут“, се смее Мирковски присетувајќи се и на нивното старо фиќо, корзото во Скопје од 68-70-та, модата која најпрвин била макси, па мини, собиранките на играчите на “Вардар“ пред Метропол, скопскиот стил на живот, кој бил многу поразличен од другите места во Македонија. “Бев навивач на Вардар, од 68-ма сум на Градски стадион, а “Вечер“ го врзувам со ФК “Вардар“ и ФК Работнички. Тогаш се играше со љубов, а не заради пари или мода“, вели тој. Тогаш му се допаѓале спортската и скопската рубрика на “Вечер“.

Со својот и роденденот на “Вечер“ врзува многу важни историски настани, крајот на Првата светска војна и Национален ден на Франција, убиството на Кенеди, катастрофалниот земјотрес во Скопје, Студената војна, а 1963 ја смета за многу турбулентна година. “Јас сум дете на земјотресот и нашата генерација се вика потресена генерација, но во позитивна смисла на зборот. Тоа е генерација која го носи скопскиот урбан код. Тоа е и “Вечер“. За мене “Вечер“ е Скопје. И ние се уште го носиме тој код во себе од стил на живеење, музика, култура на општење, морални и етички вредности. Се што дојде после 70-тата, и како урабано живеење и како стил на музика, тоа е друг код“, вели тој посочувајќи дека токму неговата генрација е таа која е задоволна со приземни и нормални работи, а не да се заработува и да се трча по пари газејќи преку туѓи судбини.

“На тие морални начела и принципи ја учам и ќерка ми, иако на момент мислам дека грешам, но сигурен сум дека тоа е единствениот правилен пат за неа“, вели Мирковски кој е татко на 18 годишната Ема, која веќе завршува соло пеење на МБУЦ “Илија Николовски-Луј“ и е успешен деловен човек, вработен веќе 24 години во компанијата Еуроимпекс Peugeot, како директор на секторот TOTAL & Valvoline lubricants и Banner акумулатори.

Поврзаноста со “Вечер”

“Јас го гледам Вечер како свој, дури и кога весникот беше во кризи го чувствував како свој. И секако, кога тој имаше голема читаност, кога имаше многу награди и успеси“, вели Мирковски зборувајќи за поврзаноста со медиумот. Се присетува и на времињата кога навистина се читаа весници и како што вели “новини“. Како примери ги споменува белградска Политика и Нин. Од нивните статии се заинтересирал за историја, геополитика, така го засакал и читањето. Тогаш, како што вели, весниците биле влијателни но не на овој негативен начин како денес. “Сега владее анархија на медиумскиот простор, речиси сите медиуми се разочарување. Не ми се допаѓа политизација на еден медиум, на весник. Треба да се пренесуваат и двете страни, и онаа која се сака и онаа која не се сака да се слушне, за да може читателот да види каде е вистината“, ќе истакне тој.

На “Вечер“ како роденденска желба му посакува да оди напред и да работи нормално. “Овој весник, кога беше најтиражен, својот успех го постигна, но не со алчност, туку со лежерна озбилност. Имаше свој терк на обраќање кон луѓето и затоа луѓето го сакаа. Информациите му беа кратки и концизни и немаше што да објаснува. За тоа беа други весници. “Вечер“ беше младо момче, во однос на традиционалните медиуми, не беше мегаломан, и затоа се одржа. Беше многу поблизок до обичниот човек, до консументот“, ќе заврши кумашинот на “Вечер“ посакувајќи му на медиумот уште многу години живот, но и многу заеднички и убави прослави на нивниот роденден. (Н.И.Т.)