Во зоната Мамутчево годинава ќе започне изградба на индустриските објекти

65

Општина Велес во индустриската зона Мамутчево продаде девет од десетте парцели за градба и остана непродадена само уште една – најголемата од 10 хектари. Индустриската зона е лоцирана на 44 хектари и е во близина на селото  Мамутчево и експресниот пат Велес – Штип.

– На некои многу им се брзало, па не ја изготвиле целосната документација – вели градоначалникот Аце Коцевски.

Општината од нив, како што рече, очекува да ги досредат документите, а потоа ќе им ги издаде и одобренијата за градба. Со тоа во индустриската зона Мамутчево ќе почне изградбата на повеќе капацитети од лесна и незагадувачка индустрија, а локалната власт очекува да се отворат стотици нови работни места.

Инаку, во првата фаза изминатото година над селото Мамутчево се изгради базен  за вода од кој со вода ќе ги снабдува фабриките во индустриската зона. Најголем дел од средствата за негова изградба околу седум милиони денари беа обезбедени преку Бирото за регионален развој и Министерството за локална самоуправа, а општина Велес учествуваше со 1,75 милиони денари.

Во втората фаза за поврзување на индустриската зона Мамутчево со резервоарот за вода се изгради и цевковод кој беше готов пред Нова година, а во вкупен износ од 12,625 милиони денари преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој беа обезбедени 7,16 милиони денари, а општината со 5,5 милиони денари.

Овие два проекти општината ги реализира преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.