Во зејтинот и во јогуртот ставаат вода, а бурекот веќе не е четврт!

Намалувањето на грамажата на производите не е ништо ново. Кај нас, оваа практика кај производителите почна уште во 2008 година, кога имаше зголемување на производите. Освен кај лебот, шеќерот, зејтинот, намалување на грамажата е забележано и кај паштетите, чоколадите, кафето... Кога има покачување на цените, производителите го користат методот на намалување на грамажата за да остварат профит. Купувачите имаат привид дека купуваат поевтино и не забележуваат веднаш дека грамажата е намалена, изјави за ВЕЧЕР Лончар-Велкова

609

Во маслото за јадење, јогуртот, млекото и во сокот додаваат вода, четврт бурек не е веќе четврт, а килото одамна е 900 грама. Во борбата со инфлацијата, за да остварат профит, производителите ја намалуваат грамажата на производите или го намалуваат квалитетот. Намалувањето на количината на производи не е ништо ново, но тоа е поизразено во време на висока инфлација, бидејќи компаниите се борат со зголемените трошоци за состојки, пакување, работна сила и за транспорт.

Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар-Велкова, вели дека намалувањето на грамажата е привлечно за производителите, бидејќи потрошувачите не го забележуваат, за разлика од зголемувањето на цената, кое веднаш го забележуваат.

– Намалувањето на грамажата на производите не е ништо ново. Кај нас, оваа практика кај производителите почна уште во 2008 година, кога имаше зголемување на производите. Освен кај лебот, шеќерот, маслото, намалување на грамажата е забележано и кај паштетите, чоколадите, кафето… Кога има покачување на цените, производителите го користат методот на намалување на грамажата за да остварат профит. Купувачите имаат привид дека купуваат поевтино и не забележуваат веднаш дека грамажата е намалена – изјави за ВЕЧЕР Лончар-Велкова.

Таа вели дека и четврт бурек не е веќе четврт, бидејќи корите ги прават потенки и никој не ти го мери бурекот. Во Босна, на пример, ти го мерат бурекот во грамови, треба и кај нас да почнат да го практикуваат овој метод, бидејќи сите пити се различни и не знаеш колку грама има во една четвртина.

– Треба да има контрола на пазарот од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и да проверат дали во некој од производите како зејтин, јогурт сокови итн. се достава вода. Јогуртот обично го означуваат со повисока или со пониска масленост и обично тој што е со пониска масленост, е потечен и е поевтин. Треба да се провери и квалитетот на маслото, бидејќи граѓаните забележуваат дека е потечен и прска кога го загреваат. Од друга страна, тука се работи и за квалитетот и кога ќе ги забележат овие работи, граѓаните нема веќе да го купуваат тој производ, а производителите ќе ги изгубат потрошувачите – појаснува претседателката на ОПМ.

Поради сите овие измами, како што вели таа, на купувачите ќе им дојде преку глава и ќе почнат сами да си месат леб, да прават јогурт, како и да купуваат благо млеко и сами да си го поткиселуваат.

Ваква практика на намалување на грамажата и на квалитетот е забележана и во другите земји од светот. Така на пример, во САД е забележано намалување на бројот на листови кај ролна тоалетна хартија, на марамчињата во кутија од 65 на 60, јогуртчињата од 150 на 130 мл. Во Велика Британија, нескафето е намалено од 100 на 90 грама, во Индија парче сапун за садови се намали од 155 грама на 135… и милиони вакви примери насекаде во светот, кај многу производи, без разлика дали се работи за храна или за средства за лична хигиена, чистење и сл.

Но, има и производители кои се транспарентни за промените. Така на пример, во Јапонија, производител на грицки најави намалување на тежината за 10 проценти и зголемување на цената за 10 проценти. Од компанијата се повикаа на остриот раст на цената на суровините.

Понекогаш овој феномен може да се промени. Како што се намалува инфлацијата, конкуренцијата може да ги принуди производителите да ги намалат цените или повторно да воведат поголеми пакети. Но, според експертите, кога веќе еднаш ќе се намали производот, тој често останува таков.

(А.С.)