Во завршна фаза проектот за загуби на вода

24

Проектот насловен како „Намалување на ефектите од климатските промени, зголемување на ефикасноста на водоснабдувањето, употребата на енергија, планирање на реконструкции  и обезбедување на непрекинато водоснабдување во определени зони во Скопје, главниот град на Северна Македонија“, кој во изминатиот период се изведуваше во соработка со „Водовод Будимпешта, целосно финансиран преку грант од Western Balkans Green Center (WBGC) во висина од околу 122.000 евра, стигна до финалната фаза од реализацијата на работните активности.

Како што информираат од јавното претпријатие „Водовод и канализација“, реализицијата на проектните активности се одвивала во неколку фази во кои биле опфатени консултативни средби, определување на зона за испитување и изработка на анализи врз основа на достапни податоци.

-Во втората половина на месец мај започна завршната фаза во која беа опфатени теренските активности во определената зона за испитување Трнодол и Жданец. Во овој период зоната се приспособи за изведување на мерењата со кои ќе се детектира промена на протокот на водата во системот, односно загуби на вода. Приспособувањето се изведе со поставување на специјализиран тип на опрема на неколку клучни точки, преку која се овозможува детектирање на загубите на вода-објаснуваат од ЈП „Водовод и канализација“.

При тоа, од претпријатието додаваат дека во текот на оваа недела тимовите на ЈП „Водовод и канализација“, „Водовод Будимпешта“ и „Аквакуст Будимпешта“, пристапиле кон изведување на контролните мерења со кои е опфатено ноќно мерење на проток на вода во затворен систем и дневно звучно мерење. Потоа, следува изработка на извештаи и анализи во насока на зголемување на ефикасноста на водоснадувањето, зголемување на енергетската ефикасност, намалување на загубите на вода и ефектите на климатските промени.

Инсталираната опрема во зоните Трнодол и Жданец, останува во сопственост на ЈП „Водовод и канализација“, за понатамошна употреба и продолжување на ваквиот тип на мерење.

– Успешната реализација на проектните активности од овој проект, размената на искуства меѓу тимовите на ЈП „Водовод и канализација“, „Водовод Будимпешта“ и „Аквакуст Будимпешта“, бенефитите за граѓаните се само дополнителна мотивација за да продолжиме да се движиме во оваа насока – изјави Душко Весковски, генерален директор на претпријатието.