Во Египет ќе се гради нов град за неверојатни 35 милијарди долари. Градот ќе се вика Рас ел Хекма и ќе биде изграден на северозападниот брег на земјата, западно од Александрија и ќе биде новиот масивен, урбан, деловен и туристички центар на Египет

За таа цел, египетските власти потпишаа историски договор со претставници на Обединетите Арапски Емирати. Ќе го реализираат компании во сопственост на владата на Абу Даби.

– Непосредните странски директни инвестиции ќе му помогнат на Египет да ја надмине сегашната валутна криза – изјави египетскиот премиер Мостафа Мадбули.

Беше истакнато дека инвестициите на Емиратите при реализација на проектот се очекува да достигнат минимум 150 милијарди долари.

– Проектот на новиот град ќе опфати станбени области, престижни меѓународни хотели, туристички одморалишта, забавни и услужни објекти и централна деловна област, која ќе привлече светски компании. Проектот би опфатил и голема марина за туристички јахти и бродови. Очекуваме дека новиот град ќе привлече осум милиони туристи во Египет – истакнаа надлежните.

Преку овој договор, Емиратите и Египет се договорија и за развој на меѓународен аеродром, кој треба да се наоѓа јужно од градот.

– Египет ќе добие директно 24 милијарди долари на две рати од вкупната сума во почетната инвестиција од 35 милијарди долари. Во меѓувреме, ОАЕ ќе се откажат од своите 11 милијарди долари странски депозити во Централната банка на Египет. Тој чекор ќе го намали надворешниот долг на државата – заклучи премиерот Мадбули.