Во Дебар при крај распределбата на картичките за „зелена нафта“

73

Во Подрачната единица на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство во Дебар, при крај е распределбата на персонализирани зелени картички за набавка на гориво за земјоделската механизација за земјоделците од општините Дебар и Центар Жупа.

-Во двете општини, кои се во надлежност на нашата подрачна единица, вкупно 290 земјоделци имаат право да ја искористат оваа мерка. До денеска, популарно наречени картички за зелена нафта имаат подигнато 224 земјоделци. Вредноста на досега подигнатите картички е 590.000 денари, изјави Арбен Муладаути, овластен раководител на подрачната единица.

Тој истакна дека картички има за сите кои обработуваат земјоделски површини и имаат поднесено (и исплатено) барање за субвенции за 2018 година. Пресметката за одобрен износ е извршена врз основа на барањата од 2018 година.

-Корисниците на „зелената нафта“ за 2019 година, овие бонови треба да ги искористат со завршувањето на пролетната сеидба во април 2020 година. Согласно методологијата и критериумите, минимумот што го добива еден земјоделец е 500 денари, а максимумот е 100.000 денари, во зависност од тоа колку пријавил обработлива земјоделска површина, нагласува Муладаути.

Тој посебно го акцентира задоволството кај земјоделците од оваа мерка, зашто со неа директно се намалуваат трошоците кои ги имаат при обработката и одгледувањето на културите.

За оваа мерка, на ниво на држава, се предвидени вкупно 200 милиони денари за 55.000 земјоделци.