Во Грција 700 евра е казната за поминување на црвено, а во Бугарија и во Хрватска ако возите пијан може да одите и во затвор

Доколку планирате летово да одите на одмор  во странство, бидете внимателни и почитувајте ги сообраќајните правила оти казните се многу високи. Така, во Грција не поминувајте на црвено светло, може да заработите казна од 700 евра. Во соседна Бугарија или во Хрватска може да се соочите и со затворска казна доколку возите во алкохолизирана состојба. Во Црна Гора, пак, управувањето на возило во пијана состојба може да ве чини и до 2.000 евра. За да не се најдете во тесно, препорака е паричникот да ви биде полн со евра

1489

Македонските возачи ова лето треба да бидат внимателни доколку патуваат за Хрватска, Црна Гора, Бугарија или за Грција. Внимавајте одморот да не ви преседне, возете внимателно и почитувајте ги сообраќајните правила оти сообраќајните казни се високи. За да не се најдете во тесно, препорачливо е паричникот да ви биде полн со евра.

Грција и годинава останува топ туристичка дестинациите за летување. Македонските граѓани најчесто летуваат не само поради близината на морето туку, и како што велат, поради комоцијата што им ја нудат приморските градови. Во шпицот на сезоната, може бесплатно да паркирате во многу туристички места, но, сепак, треба да бидете внимателни, бидејќи доколку вашето возило го загрозува приодот или го кочи сообраќајот, тогаш може да заработите казна од 40 до 80 евра.

Но, нашите јужни соседи не простуваат доколку директно ја загрозувате безбедноста во сообраќајот. Така, во Грција, бидете особено внимателен и не поминувајте на црвено светло оти казната е 700 евра. За да не бидете „дебело“ казнети, не возете без да го ставите појасот за спасување оти ќе ве глобат 300 евра. Доколку, пак, зборувате на мобилен без слушалки, тогаш ќе платите 150 евра. Исто толку чини и фрлањето догорче од цигара, а се казнува и од 50 до 350 евра доколку се пречекори дозволената брзина. Се казнува со 350 евра доколку не се почитува знакот за забрането престигнување, а уште 200 евра е санкцијата ако биде тоа на полна линија.

Во соседна Бугарија може да се соочите и со затворска казна доколку возите во алкохолизирана состојба и со казна од 300 до 500 евра. Така, за возење со повеќе од 1,2 промили алкохол, казната со која може да се соочите е затвор до една година. Ако ви се најдени од 0,5 до 1,2 промили алкохол во крвта, можно е да ви ја одземат дозволата од два до 12 месеца. На крајбрежјето на Црното Море, казната за паркирање на недозволено место е до 50 евра.

Со казна затвор и со парична казна може да се соочите и во Хрватска доколку возите во алкохолизирана состојба. За користење телефон, казната е 100 евра, а исто толку се казнува и неправилно паркирање. Македонските туристи треба да бидат внимателни и кога патуваат во Црна Гора, но треба да имаат предвид дека на оваа туристичка дестинација возењето во алкохолизирана состојба може да ги чини и 2.000 евра.

Така, ако возите во алкохолизирана состојба со 0,05 промили во крвта, казната е до 200 евра, а ако е 0,05 промили алкохол во крвта, таа е драстично повисока и достигнува до 2.000 евра. Ќе платите висока казна од речиси 2.000 евра ако возите со пречекорена брзина во населено место. Поминувањето на полна линија се санкционира до 300 евра.

Не заборавајте да го ставите вашиот појас додека возите низ Црна Гора, за 100 евра може да биде олеснет вашиот паричник. Ако користите мобилен телефон додека управувате со возилото, санкцијата достигнува 150 евра. Особено треба да внимавате кога ги возите своите деца, ако на предното седиште седи дете помало од 12 години, казната е од 60 до 150 евра, а за дете до пет години кое не се вози на сигурносно детско седиште, прекршокот ќе ве чини 100 евра.

(В.Ма.)