Со обука за општинската администрација, претставници од повеќе институции, претставници од невладиниот сектор, граѓански здруженија и граѓани од Општина Гевгелија, Фондацијата Конрад Аденауер, заедно со Правниот факултет „Јустинијан Први“, во Гевгелија ја заокружија втората фаза од проектот „Создавање европска општина: Политика на интегритет за 0 корупција“.Имено, во првата фаза од овој проект беше селектирана Општина Аеродром, додека во втората фаза беа селектирани општините Гевгелија и Ново Село.
Присутните, најнапред, беа поздравиени од Даниел Браун, официјалниот претставник на Фондацијата Аденауер. Тој во своето обраќање истакна дека овој проект не сака да ја критикува појавата на корупција во општините, туку да се обиде да ја подобрува постојната ситуација. И во мојата Германија, потенцираше Браун немаме и не можеме да имаме нулта корупција, но можеме да создаваме услови и системски решенија кои ќе не водат кон правец на што поголемо намалување на процентот на коруптивни дејствија.
Андон Сарамандов, градоначалник на Општина Гевгелија, во своето обраќање посочи дека со добивањето на мандатот за извршување на функцијата Градоначалник на Општина Гевгелија за периодот 2021-2025 година, тој се соочил со многу предизвици при извршување на секојдневните обврски.
Во таквите услови за работа беше потребно да се носат брзи и ефикасни одлуки на дневна основа, но и да се креираат акти коишто ја одредуваат иднината на Општина Гевгелија на краток, среден и долг период. Од таа причина, рече Сарамандов, се наметна потребата за креирање на овој документ, кој денеска го презентиравме, а има за цел да придонесе во секојдневното функционирање на системот во локалната самоуправа.
Александар Спасеновски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ пред присутните ги претстави документите, односно Прирачникот и студијата за интегритет во кој се содржани серија мерки за натамошно јакнењње на политиката на интегритет на Општина Гевгелија, кои произлегоа од овој проект.
Во конкретна смисла, со реализација на оваа заедничка активност, посочи Спасеновски се влијае позитивно во насока на:
Прво, намалување на можностите за корупција во општините преку детекција на ризиците по интегритетот и формулирање мерки за нивно неутрализирање.
Втото, намалување на грешките при работа во општината со детектирање слабости во постапките на донесување на одлуки и,
Трето, зголемување на довербата на граѓаните во нивната единица за локална самоуправа.
Советникот во Град Скопје Стефан Андоновски имаше свое излагања за улогата на Советите во градењето на општини со интегритет.
Транспарентноста и интегритетот не се еднаш засекогаш зададени категории. Тие се обврски кои имаат траен карактер и кон нив треба постојано и со одговорност да се пристапува, а овој проект е чекор во таа насока, беше заклучено на крајот од оваа работилница.