Во вториот круг избрани градоначалници во 43 општини и Град Скопје

33

Заврши вториот круг од локалните избори во земјава кои претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски ги оцени како успешни, на кои за првпат беа употребени апарати за отпечаток од прст.

ДИК ги објави првичните неофицијални резултати според кои во вториот круг ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалнички места во 20 општина, СДСМ во седум, ДУИ во седум, Алијанса за Албанците – Алтернатива и Беса по две, и по едно градоначалничко место имаат освоено ДПА, ГРОМ и Коалицијата ЛДП-ДОМ.

Во вториот круг победија и независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, независниот кандидат Максим Димитриевски во Куманово, и независниот кандидат во Дебарца Зоран Ногачески.

– Како што кажав, првиот круг ќе биде малку потешко, затоа што не е извежбано, меѓутоа вториот круг помина речиси 100 проценти успешно и понатаму очекуваме усовршување на овој процес. Беше битно да се почне, секогаш има детски болести, меѓутоа ако не почнеме ќе може да заостанеме во целокупниот развој, а се работи за прилично важна категорија за развој на демократијата, изјави Даштевски, заблагодарувајќи се на членовите и вработените во ДИК, како и на политичките партии, медиумите, печатницата, компанијата што ја изработи апликацијата.

Конечните резултати, како што најави Даштевски ДИК ќе ги објави во текот на денов.

Претседателот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев синоќа поднесе оставка од двете функции, со што како што истакна, ја презема одговорноста за лошите резултати на изборите, а на политичките опоненти им ја честиташе изборната победа. Тој останува на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори, бидејќи, како што рече, претстојат две и пол одлични и неповтороливи години за државата од кои корист ќе има целиот народ и државата.

– Ќе останам периодов додека треба, за да помогнам, да се реорганизира нова влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено, рече Заев.  

Тој им честиташе на сите избрани градоначалници на кои им посака чесно и одговорно да му служат на народот. Заев изрази разочараност што мнозинството од народот ги избрал, како што рече, истите луѓе и политичари кои пред четири години во Парламентот сакале и тргнале да убиваат. 

– На овие избори видовме дури и сојузи меѓу жртвите и насилниците од 27 април 2017 година. Се здружија жртви на насилството со насилниците од ВМРО-ДПМНЕ без каков било образ за власт и пари. Сакав ова да го напоменам и споменам со единствена цел да остане забележано во паметењето на нашиот народ. Не е воопшто тешко заминувањето од политиката, тешка е помислата за реалноста од одлуката на нашиот народ. Но, нејсе. Јас сум недвојбено убеден дека заедно со прогресивното граѓанство сум донел слобода и демократија, а кога е слобода и демократија, правилото е дека треба да има преземање на одговорност. Низ преземањето на таа одговорност сакам да оставам печат за да се учи народот и да расте во својот демократски капацитет, но и во својата граѓанска должност да води грижа за својата земја. Можеби не сум во право, ќе покаже времето, но според мене, ред е граѓаните да поддржуваат политичари кои имаат храброст да носат тешки, но историски важни одлуки за добра иднина на својот народ и државата без притоа тие политичари да се водат од својот политички рејтинг и да водат грижа за својата политичка фотелја, порача Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа порача дека партијата извојувала голема победа, по која, како што порача, почнуваат промените за подобра Македонија.

Тој се заблагодари на поддршката од сите опозициски партии и додаде дека со соработката покажале оти е возможен еден широк опозициски фронт со кој се воспоставуваат основи за идна соработка и идна владина коалиција врз база на принципи и вредности на спојување и меѓусебна почит и разбирање. Пред лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев да поднесе оставка на двете функции, Мицкоски од него побара да ја прими пораката од народот и да замине. Власта, рече Мицкоски, треба да замине и тоа треба да се случи на предвремени избори.

– Македонијо, од вечерва почнуваш да го живееш нашиот голем сон за нова иднина, надеж за секој еден човек. Многумина се сомневаа дека успехот е можен, но надежта победи. Македонија мора да се менува, а промените започнаа од вечерва. Надежта ја победи апатијата и нејзината сила ќе расте, сите заедно со нова иднина заеднички и сложно да го оствариме сонот за кој цели 30 години сонуваме, а никако да го постигнеме. Кажете им на нашите браќа и сестри од сите краеви на Македонија, од Тетово до Битола и Охрид и Кочани,  од Скопје до Гевгелија. Ова е денот од кога почнуваат промените. Промени кон подобро, промени на имиџот на државата, промени за заштита на интересите на секој еден човек. Промени за обединување, за подобар живот, за силен стандард. Промени кои ќе ја донесат иднината за која се бориме. Ова е убедлива победа. Ова е победа на народот на Македонија, рече Мицкоски.

Тој изјави дека времето ќе покаже како ќе се одвиваат работите во врска со евентуално ново парламентарно мнозинство, нагласи дека е најдобро власта да си замине на предвремени избори. Ние, рече тој, имаме мнозинство гласови на народот, а за да има предвремени парламентарни избори треба да има и мнозинство во Парламентот.