Во Велес утре и задутре градежни зафати на улица „Илинденска” и на железничкиот премин на пругата кај Новиот мост

42

Градежни зафати на одводна атмосферска коловозна решетка на улица „Илинденска” во Велес, како и зафати на железничката пруга – железнички премин кај „Нов мост” ќе се изведуваат утре и задутре, најавува Општина Велес.
Како што информираат од Општината, предвидените градежни зафати на одводната атмосферска коловозна решетка утре ќе се изведуваат во периодот од 7:00 до 22:00 часот.
– Поради градежните активности, во најавениот термин ќе биде применет времен режим на сообраќај со наизменично пропуштање на возилата од спротивната насока, појаснуваат од Општината.
Утре претпладне стартуваат и предвидените зафати на железничката пруга – железнички премин кај „Нов мост”. Во тек на изведување на активностите ќе започне примена на нов режим на сообраќај со целосно затворање на потегот од крстосницата, спој на улица „Илинденска” со улица „Димитар Влахов” до спој на „Илинденска” со кружната крстосница во центарот на градот.
– Времениот режим на сообраќај за предвидените зафати на железничкиот премин и на атмосферската решетка ќе се применува в среда во период од 22:00 часот и ќе заврши задутре, на 25 јули во 5:00 часот наутро, кога повторно ќе се воспостави редовен режим на одвивање на сообраќајот, информираат од Општина Велес.
Оттаму апелираат до возачите за внимателно возење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и дадените знaци од страна на службените лица.