Во Бугарија важат само електронски вињетки

370

Новина со која ќе се соочат македонските граѓани при патувањето во Бугарија е што од Нова Година е воведено електронско купување на налепниците за автомобили познати како вињетки за патарина, кои досега беа пластифицирани за лепење на стакло и можеа да се купат на граница.

Цената на налепниците останува иста и може да се купи викенд, неделна, тримесечна и годишна вињетка. Налепниците се купуваат на сајтот bgtoll.bg на кој информациите се на осум јазици, но не и на македонски јазик.

Плаќањето може да се изврши со кредитна или дебитна картичка, а преку сајтот е можен и трансфер на средства од банка. Системот овозможува е-вињетката да биде активирана со датум најмногу до 30 дена од моментот на купувањето, а автоматски се пресметува крајниот датум за валидност на вињетката. По добивањето на идентификациски број на трансакција за купена вињетка, клиентот може да преземе потврда или да внесе маил адреса, на која ќе му биде испратена. 

Вињетатка нема потреба да се испечати, ниту да се носи во автомобилот или да се покажува на контролните органи.

Новина е што се воведува викенд вињетка која чини 10 лева и ќе важи од петок на пладне до недела на полноќ. Неделната карта ќе чини 15 лева, месечната 30 лева, тримесечната 54 лева а годишната 97 лева.

Оваа информација е корисна за Македонците кои и годинава не се откажуваат од зимување во угостителските капацитети што се нудат во Банско и Боровец во соседна Бугарија.