Во Брисел ќе се свири делото на македонскиот композитор Трендафиловски

138

Делото „Трио-О“ за флејта, виолина и пијано на композиторот и виолинист Михаило Трендафиловски ќе биде изведено на вечерашниот камерен концерт во  салата „Флаже“ во Брисел, во рамки на проектот „European Contemporary Composers Orchestra“ (ECCO).

Сојузот на композиторите на Македонија-СОКОМ соопшти дека се работи за еден од најважните  проекти на Европската алијанса на композитори и текстописци (European Composer and Songwriter Alliance) и дека Трендафиловски, кој живее и работи во Лондон, третпат е меѓу избраните автори со композиција за концертот.

– Досега Трандафиловски во програмата на концертите на ECCO беше застапен во 2015 година со делото „Dyptich“ за виолина и гудачки оркестар кое го изведе ансамблот „Sturm un Klang“, и во 2018 година со делото „Fibers and Coils“ кое прозвуче во изведба на реномираниот „Diotima Quatuor“. На годинашното издание на ECOO во Брисел, уметничкиот одбор по пат на анонимен конкурс од пријавените педесетина композиции избра вкупно седум, меѓу кои се најде и делото „Трио-О“ за флејта, виолина и пијано на Трандафиловски, кое овојпат ќе го изведе ансамблот „Fractales“, информира СОКОМ.

Европската алијанса на композитори и текстописци ги обединува композиторите во Европа од сите жанрови (сериозна, популарна и филмска), ги брани и промовира правата на музичките автори на национално, европско и меѓународно ниво преку сите достапни правни средства, како и преку низа значајни културни проекти со кои се зголемува нејзината видливост.

СОКОМ е член на алијансата од нејзиното основање во 2006 година. Од 2008 претставник на СОКОМ е Јана Андреевска, која од 2013 е член на Уметничкиот одбор на алијансата, а од минатата година е избрана за потпретседател на комитетот за сериозна музика и член на Управниот одбор.