Во Албанија расте бројот на новозаразени со Ковид-19

51
Во Албанија расте бројот на новозаразени со Ковид- 19, што го потврдуваат податоците последните денови, јави дописничката на МИА од Тирана.
Според Министерството за здравство и социјална заштита во последното деноноќие потврдени се 277 нови случаи, што е 28,9 отсто од направените 957 тестови.
Во исто време не е регистриран починат како последица од овој вирус, закрепнале 61 болен, а болнички се третираат осум пациенти.
„Поаѓајќи од секојдневниот раст на новозаразени, го повторуваме апелот граѓаните да се вакцинираат, да се повнимателни, посебно во периодот кој следува кога се зголемуваат контактите поради движењето во летната сезона“, апелира Министерството.
Потсетува дека секое лице над 12- годишна возраст може да се имунизира во сите здравствени установи.
Официјалната статистика потврдува дека до сега во земјата се направени 1.840.232 тестови, позитивен резултат е добиен кај 277.940 лица, закрепнале 273.398, активни се 1.045, а починале 3.497 лица.
Дел од познати епидемиолози и инфектолози и поранешни министри не веруваат во оваа статистика наведувајќи дека бројот на заразени е околу 500 илјади, а починати се околу 16 илјади.
Во Албанија во евиденција на починати не се вметнуваат починатите дома или оние кои боледувале и од друга болест.