Политичките превирања од втората половина на XIX и почетокот XX век го актуализираат просторот на Балканот кој претставувал terra incognita за многумина од Западна Европа. Македонија како место на кое се испреплетуваат историските епохи, посебно е привлечна за западноевропските уметници и авантуристи.

Откривањето на делата и уметниците инспирирани од Македонија, веќе подолг период претставува предизвик за скопјанецот Влатко Милошевски, електроинженер кој живее и работи со своето семејство во Ајндховен, Холандија. Неговата љубов кон ликовната уметност ќе го поттикнат да ги истражува овие дела и да успее некои од нив да ги има во својата колекција.

Собраните знаења на оваа тема  ќе вродат со  една благородна  идеја  да ја создаде веб-страницата, „Лексикон на странски сликари во Македонија 1850-1950”, во кој се содржани имиња, дела и интересни приказни за странските сликари, вајари, фотографи и илустратори кои ја посетиле и твореле во географската територија на Македонија. Како што наведува Милошевски, неговиот предмет на интерес се уметничките дела создавани во периодот од 1850 до 1950 година, според него најдинамичниот период во историјата и уметноста.

За време на Првата светска војна (1914-1918) низ територијата на Македонија се протегала линијата на Македонскиот фронт (Солунски фронт), каде што се одиграле некои од клучните битки за окончување на војната.

Помеѓу војниците кои учествувале во борбите на Македонскиот фронт се забележува и името на Германецот Макс Ромер, кој бил роден во Хамбург во 1878 година, a се образувал на ликовните академии во Хамбург, Берлин, Париз и учествувал во декорирањето на Дрезденската банка и Берлинското градско собрание.

Ромер присуството во Македонија го користи за сликање на мотиви од местата кои ги посетил. Се забележуваат неговите цртежи со молив со мотиви од Струмица, Валандово, Скопје и Солун.

По завршувањето на војната Макс Ромер се сели на португалскиот остров Мадера, во 1958 година неговите дела, во кои се вклучени и слики од неговото учество на фронтот во Македонија, биле изложени во Академијата на ликовни уметности во Фунчал, Португалија.

Она што е посебно забележително за овој автор е еден негов цртеж со македонски вез во кој се вметнати кодирани пораки.

Илустрацијата од тајните кодирани пораки во  калиграфијата на македонскиот вез е објавена во книгата „Макс Ромер, Скици од Првата светска војна“, од Едвард Касаб, 2019 година (страница 236). Макс Ромер пристигнува во Македонија на самиот крај од Првата светска војна, во август 1918 година, и останал само два месеца. Неговиот престој во Македонија е најмалку познат кај хроничари на неговото дело. Постојат негови скици од Скопје, Валандово и Струмица – што говори дека тој се движел во деловите на Македонија каде што германската контрола била стабилна. Со битката на Добро Поле, од 15 септември 1918 година, Силите на Антантата го пробиваат македонскиот фронт и молскавично ги потиснуваат германската, австриската и бугарската армија од Македонија. Макс Ромер веројатно се повлекува од Македонија во септември, заедно со германската армија, и оди во Романија (неговите следни цртежи се направени во ноември во Трансилванија, Романија. 

Дали Ромер го користел овој таен Морзеов код во неговите писма со семејството?  За жал, немам податоци за дефинитивен одговор. Знам само дека силите на Оската биле во распаѓање и биле на работ на губење на војната, не би ме чудело Ромер да го користел овој македонски Морзеов код да ги пренесе своите искрени мисли за војната до неговото семејство, а со тоа да ја избегне силната воена лектура под која оделе сите писма од војниците, изјави Милошевски за весникот ВЕЧЕР.

Милошевски успева да дојде до одредени дела преку учество на аукции. Во неговата богата колекција може да се најдат исклучителни дела со мотиви од Македонија  во различни техники. Како и секој вљубеник во уметноста, има одредени дела и автори кои му се од посебно значење.

-Лично имам слабост кон британскиот сликар, поет, музичар, патописец и истражувач Едвард Лир (Edward Lear), кој ги посетил Охрид, Струга и Битола во 1848 година. Се работи за еден колоритен ексцентрик, кој ги илустрирал книгите на поетите од калибар на Лорд Тенисон. Бил авантурист кој одел во непознати територии на Ориентот и јужна Европа. Неговите цртежи го проширувале хоризонтот на знаењето на британската империја од средината на XIX  век. Нацртал дваесетина акварели од Македонија од 1848 година, кои денес се во колекцијата на универзитетот Харвард, но од време на време по аукциите се појавува по некоја непозната скица или цртеж од неговиот краткотраен престој во Македонија. Минатата година, господинот Милчо Георгиевски од Музејот од Охрид, постави изложба во Куќата на Робевци во Охрид од репродукции на овие цртежи. Изложбата беше вистински времеплов во историјата на Охрид, вели Милошевски.

Лексиконот на странски сликари во Македонија 1850-1950 наскоро ќе се појави и во печатено издание. Целта на неговиот труд е да поттикне соработка помеѓу  државните архиви и историчари на уметност од целиот Балкан во една заедничка и пообемна студија од оваа која тој ја создал. Како што и самиот пишува во Лексиконот „Уметноста  е нешто што обединува”.

-Ќе излезе во печатено издание, кое ќе биде отпечатено во боја, на висококвалитетна хартија со тврд повез со македонски и со англиски текст. Книгата ќе биде едно капитално дело кое со гордост ќе можеме да го подариме на нашите пријатели во странство како еден вид на културна дипломатија и промоција на уметничкиот аманет на Македонија. Отприлика третина од трошоците за печатење на книгата се покриени од годишната програма за 2021 година од Министерството за култура на РС Македонија, Во 2021 година потпишавме и меморандум за соработка со Музејот на македонската борба, кој се заинтересира да ја донесе мојата приватна уметничка колекција во Скопје и да ја отвори за јавноста. Во колекцијата има повеќе од 200 оригинални масла на платно, акварели, цртежи и графики од овие странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950. Проектот беше доставен како апликација во годишната програма за 2022 година од Министерството за култура. Не сум запознаен дали Министерството го одобри овој проект, додека останатите трошоци се покриени приватно од мене, вели Милошевски за весникот ВЕЧЕР.

Петар ЧАУШЕВСКИ