Дома СВЕТ Вонредна состојба во Русија: Масовна инвазија на поларни мечки

Вонредна состојба во Русија: Масовна инвазија на поларни мечки

55

На архипелагот Нова Земја прогласена е вонредна состојба поради инвазијата на поларни мечки, соопштуваат од регионалната влада на Архангелск

„Одлуката да се прогласи вонредна состојба на територијата на Нова Земја е донесена на 9 февруари на состанокот на комисијата. Вонредната состојба е предизвикана од масовната инвазија на поларни мечки на станбените подрачја“ – соопштуваат од регионалната влада, пренесува агенцијата „Тасс“.

Заменик гувернерот во администрацијата на Нова Земја Александар Минајев изјавил дека повеќе од десетина поларни мечки се собрале во близина на тамошните населби.

Најмалку 52 мечки се забележани во претходните три месеци, а шест од десет мечки константно се наоѓаат на територијата.

Во соопштението се наведува дека десетина пријави за мечките стигнале од жителите, училиштата, градинките и други, а луѓето се плашат да ги напуштат своите домови.

„Родителите се плашат да ги пуштат децата во училиште“ – се наведува во соопштението, а пренесе агенцијата „Тасс“.

Како што наведува агенцијата, мечките не се плашат од сирените, кучињата и патролните автомобили, кои инаку ги користат за да ги истераат.

Надзорното тело за природна околина на Русија забранило пукање врз мечките, а експертите се надеваат дека оружјето нема да биде неопходно за да се растераат мечките.