Волонтери им помогнале на 3.168 лица полесно да се снајдат во клиничкиот кампус

80

Вкупно 3.168 лица во изминатите 10 дена побарале помош од волонтерите на Црвениот крст да им помогнат како полесно да дојдат до бараната клиника, до соодветната локација, потребното снимање, преглед или анализа. Овој проект кој се работи заедно со Министерството за здравство ја оправда целта со оглед дека огромен број пациентите навистина чувствуваат бенефит од оваа мерка.

– Волонтерите се лоцирани на седум најфреквентни локации во комплексот клиники „Мајка Тереза“, во периодот од 8:30 до 12 часот, секој работен ден- посочуваат од Министерството.

Андриана и Сања, волонтери на Црвениот крст рекоа дека нивниот ангажман е од хуман аспект.

– Преку овој проект им помагаме на пациентите полесно да ги најдат одделите и докторите. Пациенти ни приоѓаат и нѐ поздравуваат, велејќи дека оваа мерка e неопходна. Ќе продолжиме да се вклучуваме во секој проект, кој значи олеснување во работата, бидејќи е корисно за сите – рекоа Андриана и Сања.

Извршените истражувања по клиниките покажаа дека пациентите имаат проблем со снаоѓањето во комплексот.

Оваа форма на помош функционира и на други клиники во Европа и од тамошната јавност е препознаена како добра практика.