Водитe во реките остануваат во втората категорија по квалитет

30

Општина Тетово информира дека неделава започнаа да се одвиваат активности за чистење на речните корита како превентива од евентуални поплави. На подрачјето на општина Тетово се работи на четири речни корита.

-Работата за расчистување на речните корита се одвива во Голема Речица, Мала Речица, во село Порој и долж течението на река Пена од два километра. Во овој период од годината чистењето на речните корита е многу важно како превентива при евентуални поплави, при појава на обилни врнежи од дожд- информираат од општина Тетово.

Редовните испитувања на површинските води на реките за август кои ги врши Центарот за јавно здравје покажуваат дека тие остануваат во втора категорија на квалитет. Постојат осум групи на параметри кои се показатели за класификација на квалитетот на реките, каде прва категорија е најдобра, а петта најлоша.

-Во општина Тетово нема река или површинска вода со прва категорија. Сите се со од втора категорија. Единствено во поширокиот тетовски регион Беловишка Река во општина Јегуновце е во прва категорија според квалитет на водата. Во оваа општина се бележи и најголемото загадување на површинска вода, на дел од реката Вардар кај Јегуновце која е од трета категорија – изјави д-р Ратко Давидовски, специјалист по здравствена екологија во Центарот за јавно здравје.

Тој потенцира дека исправноста на површинските води ќе се постигне со најавената изградба на пречистителна станици и колектори со цел да се филтираат отпадните води.