Внукот на Мајка Тереза не успеа лично да му го даде подарокот на папата!

52

Внукот на Мајка Тереза, скопјанецот Алојз Гомбар и неговата ќерка имаа блиц средба со папата Франциск во Спомен куќата на светицата на улица „Македонија“.

-Овој ден беше многу радосен за мене. Се видов со папата и срдечно се поздравивме и се бакнавме. Тој единствено мене и на ќерка ми ни подари молитвеник со крвче на животот, ставени во плишани кутивчиња во црвена и во бела боја. Пресреќни сме – изјави Гомбар за весникот „Вечер“.

Според протоколот, Гомбар требаше на папата да му го даде личниот подарок што му го спреми. Станува збор за уметничко дело што го направил ликовен уметник од Скопје и на него е претставен чинот на пресветата причест. Насликана е Светата книга врз која е напишано God bless you (Господ нека ве благослови). До книгата е насликан калежот, тоа е чашата за причесна полна со црвено вино.

Тука е и ликот на Мајка Тереза која ја држи хостијата и од каде излегува Исус. Од левата страна е насликано шише со црвено вино кое ја симболизира крвта на Исус и е симбол на животот и на христијанската вера. Ова уметничко дело е ставено во дрвена рамка, а на долната страна од рамката е втисната месингана плочка на која е изгравирана посветата до папата Франциск од „внукот на Мајка Тереза, Алојз Гомбар“.

-Меѓутоа, подарокот не успеав да му го дадам, бидејќи обезбедувањето не ми дозволи да го внесам. Ми рекоа да им го оставам и дека тие потоа ќе го однеле во црква и ќе му го предале – ни рече Гомбар.

Инаку, стотици метални парички, чадори, женски додатоци и разни предмети беа оставени пред главните влезови на плоштадот во Скопје од посетителите и верниците кои присуствуваа на литургијата на папата Франциск кој се наоѓа во апостолска посета на нашата земја.

Предметите беа одземени од страна на полицијата која беше ригорозна кон правилата кои неколку дена претходно беа соопштувани на јавните гласила дека токму тие предмети се забранети при влезот во малиот ринг на плоштадот.

На излезот, од посебно обележаните реони, по завршувањето на мисата, граѓаните имаа можност да си ги земат оставените предмети, кои за нивно големо изнанадување сите беа оставени покрај излезот. Посетителите и верниците видно беа изненадени и гласно ја пофалија полицијата за професионалното однесување.