Внимавајте каде ги паркирате вашите автомобили!

1614

Општина Аеродром апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните закони и правила и да не паркираат на места кои не се наменети за тоа, како плочници, тревници и други јавни површини.

– Со ваквото несовесно однесување првенствено се загрозува движењето на пешаците, велосипедистите и другите учесници во сообраќајот. Исто така, се нанесува материјална штета на јавните површини, а се уништува и зеленилото и се прави штета врз животната средина. Иако Општината ги зголеми инспекциските контроли на терен, сепак нашите служби немаат ингеренции да казнуваат, туку само да изрекуваат опомени – велат од општина Аеродром.

– Во таа насока би сакале да ве информираме дека Општина Аеродром поднесе барање до Министерството за внатрешни работи да обезбеди зачестени контроли од страна на полицијата со цел да се превенира ваквото однесување, а во крајна линија и да се казнуваат несовесните возачи кои своите автомобили ги паркираат на несоодветни места – нагласуваат од општина Аеродром.