ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ 10 месеци е на власт, а се однесува како да е опозиција

110

СДСМ својата неспособност да ги решава проблемите на граѓаните и да создаде економски раст веќе 10 месеци се обидува да ја прикрие со обвинувања против ВМРО-ДПМНЕ, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Манипулациите и обвинувањата кон ВМРО-ДПМНЕ не можат да го прикријат фактот дека владата на СДСМ ја закотви македонската економија убедливо на европското дно со 0% економски раст. СДСМ не може да избега ниту од фактот дека има реализирано само 4% од планираните капитални инвестиции, ниту од тоа што само во 2018 година секое македонско семејство го задолжи за 1.200 евра.

СДСМ дупката која ја создава во буџетот на државата се реши да ја пополни со дополнителни давачки на граѓаните. Воведувањето на прогресивен данок со покачување на данокот на доход од 10% на 18% е на штета на граѓаните и на државата. СДСМ со својата погубна политика директно удира по џебот на младите и им дава мотив да размислуваат да ја напуштат државата. Наместо да ги стимулира младите да останат во државата СДСМ ги стимулира да ја напуштат.

СДСМ со оваа мерка само ќе ја зголеми невработеноста, ќе ја зголеми даночната евазија и дозволува многу субјекти немајќи излез да се префрлат на полето на сивата економија. Граѓаните не заслужуваат ваква влада која не е способна да креира услови за раст и развој. Граѓаните заслужуваат подобро и затоа колку побрзо си замине оваа власт толку побрзо ќе се врати економскиот напредок на државата”, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.