ВМРО-ДПМНЕ: Власта сака незаконски да именува член на РКЕ, кадар на ДУИ

52

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека владејачкото мнозинство  има намера противзаконски да именува член на Регулаторна комисија за енергетика. Се работи за извесна Мерита Дема, кадар на ДУИ, чие именување, според партијата, е спротивно на Законот за енергетика.

Ова е веќе трет ваков случај каде власта незаконски ја полни Регулаторна комисија со партиски кадри и нестручни лица кои воопшто не ги исполнуваат законски предвидените услови за именување на членови во Регулаторната комисија, пропишани и утврдени со Законот за енергетика. Имено, станува збор за извесна Мерита Дема, кадар на ДУИ, која треба да биде новиот член на Регулаторната комисија. Ова немаше да биде проблематично, доколку не беше спротивно на Законот за енергетика, поточно член 17 став 3 точка 2, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ..

Овој предлог кадар на ДУИ за член на Регулаторна комисија не го исполнува условот пропишан во Законот за енергетика кој вели „за член на РКЕ се избира државјанин на РМ кој во последните 15 години пред именувањето има најмалку 10 години работно искуство во енергетиката, односно во обезбедувањето на водни услуги“.

Согласно приложената документација која е јавна, овој предлог кадар на ДУИ не го исполнува овој услов. Мерита Дема се стекнува со прво вработување на ден 14.03.2013 година. За потсетување, денес сме 26.01.2022 година со што наведениот услов во Законот за енергетика целосно е прекршен. Мерита Дема во последните 15 години никако не може да има 10 години работно искуство во енергетиката, прво поради својата возраст, своето дипломирање, како и поради датумот на своето прво вработување. Ова е класично кршење и газење на законите и прописите во Република Македонија. Очигледно за власта не важат закони, не важат правила и процедури туку само партиско – коалициска припадност.

Оттука, како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ бараме власта да одговори како може некој кој е нестручен и не ги исполнува законските услови да биде избран за член во тело кое ја регулира цената на струјата, гасот, парното и водата?

Очигледно, власта свесно го прави ова и избира кадри кои за возврат ќе потпишуваат и аминуваат секакви одлуки за зголемување на цените на струјата, парното, горивата и гасот. Тоа е начинот на кој оваа власт размислува и функционира, додаде Стојаноски.

Колку за потсетување, ова е веќе трет ваков случај. Ова е трето кршење на Законот за енергетика со противзаконски избор на членови на РКЕ.

Изминатата година на истиот начин со прекршување на другите одредби од Законот за енергетика, беа именувани уште два члена на ова тело. Ист принцип, иста кадровска партиска политика на власта предводена од СДСМ која резултира со сериозен удар по џебот на граѓаните преку енормно зголемување на цените на струјата, парното, гасот и горивата.

На крајот, би сакал да напоменам дека Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на денешната пленарна седница реагираше за ова прекршување и предложи оваа точка да се тргне од дневен ред. Но, власта го одби нашиот предлог и уште еднаш покажа дека нема слух, ниту пак некаква одговорност. Власта има зацртана цел, а тоа е целосно партизирање на сите институции каде што има можност, па макар тоа било и противзаконски, рече Стојаноски и апелираше до Владата веднаш и без двоумење да го повлече овој предлог за именување на овој член на РКЕ.