Без прогон на криминалот, нема правна држава. Без процесуирање на кривичните пријави нема верба во правосудниот систем. Јавноста е сведок на бројни кривични дела од власта, но надлежното јавно обвинителство молчи.
Месеци наназад јавниот обвинител молчи и не постапува по поднесените пријавите од ВМРО-ДПМНЕ. Љубомир Јовески досега не почувствува потреба ниту да информира зошто не ги процесуира пријавите и зошто не отвора истрага.
Образложение нема и останува да се нагаѓа дали ваквата инертност е заради немањето капацитет или заради тоа што и Јавното обвинителство е во спрега со власта уценето од незаконски снимените разговори на јавните обвинители, скандал кој намерно не останува расветлен.
Почитувани,
Организирана група за загрозување на уставниот поредок, демонстрираше самоволие со кое во „Службен Весник“ се објави Закон без потпис од Претседателот на државата. На противзаконски начин во правниот систем се вметна Закон кој е спротивен на Уставот, а Републичкиот Јавен обвинител сето тоа го гледа и не реагира. Јовески е Републичкиот Јавен обвинител кој што мора да си замине!
Според Законот, Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Ама Републичкиот Јавен обвинител, Јовески никаде го нема!
Во само неколку месеци, ВМРО-ДПМНЕ има поднесено 6 кривични пријави против власта за насилство против Уставот и законите, за потпишувањето и ратификацијата на Договорот од Преспа, за избирачки нерегуларности против избирачки одбори, за поткуп во изборни цели, сега за објавување на законот за јазици во „Службен Весник“ без потребните потписи, а особено без потписот од Претседателот на државата. А, Јовески и јавнообвинителскиот систем никаде ги нема, не се знае дали воопшто се постапува по овие поднесени кривични пријави.
Почитувани,
Свесно и намерно, Љубомир Јовески со непостапување, прави тешки злоупотреби на службената положба и овластување. Во „Службен Весник“ беше објавен Закон кој во најголем дел е спротивен на уставните членови 5 и 8. Се објави Закон за употреба на јазиците со кој на подмолен начин се редефинира државата, се задира во сржта и се менува карактерот на државата. А, Јовески молчи, Јовески, не реагира, додека пред очи директно се крши законот, се крши Уставот, се злоупотребува службената положба, се прави чин кој предизвикува огромна штета на државата!
Почитувани,
Јовески не презема дејства за кои што е задолжен и за што дал заклетва. Тој е ОБВРЗАН САМ екс – официо да почне да дејствува, дотолку повеќе што се работи за криминогени дејствија за НАСТАНИ ОД ВОНРЕДНО ЈАВНО ЗНАЧЕЊЕ. Тоа не е во рамките на неговото дискреционо право, дали да постапува или да не постапува! Јовески е ДОЛЖЕН да презема предистражни дејствија за утврдување на околностите за сознанијата за кривичните дела и тоа е опис и попис на неговата функција. Со негово нестручно и несовесно работење прави свесна злоупотреба на службената должност.
Тоа е класична злоупотреба на службена должност од Љубомир Јовески, казнива согласно член 353 од Кривичниот законик на Република Македонија, а со оглед на тежината на делото и нанесените огромни штети на Република Македонија, ставот 5 од членот 353 предвидува затворска казна од најмалку 5 години.
Доколку Јовески продолжи да молчи, Обвинителите од Основното Јавно обвинителство не смее да чекаат, мора да се одважат и да отпочнат постапки.
Плашлив Републички Јавен обвинител, плашливи Обвинители значи крај на демократијата во Република Македонија.
Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ