Иако станува збор за влез во спортско-рекреативен центар, деновиве влезот пред езерото „Треска“ изгледа очајно.

Весникот „Вечер“ неодамна пишуваше за тоа дека поради негрижа на надлежните овој комплекс пропаѓа и се распаѓа, но згора на тоа е преполн и со ѓубре.

За тоа бевме предупредени и од Гроздан Наумовски, еден од камперите кај езерото Треска, кој се јави во нашата редакција.

-На проширувањето од десната страна пред влезот на комплексот „Езеро Треска“, на самото проширување има можеби еден тон исфрлено месо и полни кеси со смет. Никој не го зема, нè изедоа муви. Имаме и деца, а се шири неподнослива смрдеа, реагира Наумовски.

Ова пред сè се случува по празнувањето на верскиот празник „Курбан Бајрам“, кога остатоци од кожи, коски, глави се расфрлани насекаде.

Екипа на весникот „Вечер“ беше на терен и констатира дека оваа депонија е исчистена, но на само неколку метри лево од влезот на езерото „Треска“ исто така се шири неподнослива смрдеа од депонијата од лубеници и секаков друг отпад, вклучувајќи и глави од добиток. Освен тоа вриеше од муви, а тоа секако е штетно по здравјето на луѓето и можност за појава на зараза.

Иако јавното претпријатие „Комунална хигиена“, пред празникот Курбан Бајрам на повеќе локации, во повеќе општини постави контејнери  специјално за отпадот од добитокот изгледа дека несовесните граѓаните не го почитуваа тоа, па отпадот го расфрлале секаде, иако беа замолени да не го прават тоа.

Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека секоја година за време на подготовките и празнувањето на верскиот празник Курбан Бајрам, претпријатието се соочувало со проблемот на неконтролирано одлагање органски отпад на јавни површини, што може да доведе до многу несакани последици, ширење заразни болести и загадување на непосредната околина.

-Од овие причини, годинава за прв пат поставивме специјални садови за одлагање на органскиот отпад на 12 локации во скопските општини: Гази Баба, Чаир, Бутел, Шуто Оризари и Сарај и заедно со Исламската верска заедница упативме апел до верниците во нив да го одложат органскиот отпад, за истиот да може да биде навремено отстранет и транспортиран, потенцираат од претпријатието.

Што се однесува до депонијата која ја посочи Наумовски, а и онаа што ја забележа нашата екипа, а не беше единствена, бидејќи во околината има и други места на кои беше фрлено ѓубре, од „Комунална хигиена“ велат дека нивни екипи се излезени на терен и дека ја исчистиле депонијата која била на проширувањето, десно пред самиот влез во спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“.

-Нашите екипи ќе продолжат со расчистување на теренот, па и на депонијата која е лево на неколку метри од влезот во комплексот.

Ние како претпријатие им излегуваме во пресрет на општините и Град Скопје и спроведуваме чистење на дивите депонии кои настануваат поради неправилно исфрлање на отпадот од страна на граѓаните, иако тоа не е наша редовна дејност. Што се однесува до конкретните депонии, имаме информации дека постојано се исфрла смет на посочените места од мали камиончиња од страна на несовесни граѓани. Инспекциските служби треба да бидат поактивни, ние не сме тие што казнуваат, изјави Ана Марија-Бранѓолица, портпарол во „Комунална хигиена“.

Таа информираше дека за време на празникот и во текот на завчерашниот ден екипите на „Комунална хигиена“ подигнаа 120 кубни метри органски отпад одложен во специјалните садови.

Од Општина Сарај, како и вообичаено, не се јавуваа на нашите телефонски повици за да објаснат зошто нивните комунални инспектори не преземаат мерки за да се казнат оние што го фрлаат отпадот на недозволени места.

(А.П.)