„Владо Јовановски е актер што во кадар може да чита од телефонски именик, а ние да го доживееме тоа како приказна, тажна и среќна во исто време. Тој е посебна, оригинална, неповторлива уметничка величина и, за наша среќа, актер во најдобрите години од својот живот, од кого допрва ги очекуваме најизвонредните достигнувања на актерството во уметноста на филмот…“, посочи Мими Ѓорговска- Илиевска, за првиот лауреат на наградата „Мето Јовановски“, која беше доделена на отворањето на третото издание на филмскиот фестивал „Преку езерото“ во Дојран
„Наградата ‘Мето Јовановски’, што ми претставува особена чест, ќе ми претставува уште еден товар во куферите што ги носиме ние, актерите, на нашите плеќи. Ова треба да се оправда, ова треба да се заслужи, ова треба постојано и секогаш, во секој нареден проект, достоинствено да се оправдува, а тоа не е лесно. Господ да ми е на помош“ рече актерот Владо Јовановски, првиот лауреат на наградата „Мето Јовановски“ за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот, која му беше доделена пред бројната публика на отворањето на фестивалот „Преку езерото“ во Дојран. Овој мајстор на актерската игра, бескрајно вљубен во човечките емоции и чистата актерска природност, заблагодарувајќи се за наградата, рече дека ова признание е една огромна одговорност во неговите идни ангажмани.
Инаку, единствената награда „Мето Јовановски“ е во чест на магот на македонското и на балканското филмско мајсторство, актерот што минатата година ја одигра својата последна улога на овој свет (во филмот „Рускиот конзул“, заедно со познатиот актер Жарко Лаушевиќ), за потоа да замине во светот на вечната игра и на вечните соништа.
Пред присутните се обрати и Мими Ѓорговска-Илиевска, претседателката на Советот на филмскиот фестивал „Преку езерото“, која зборејќи за лауреатот, истакна дека сè она што го прави Владо Јовановски различен од многу други актери, еднакво извонредни како него, се неговата посебност, неговата киногенија, неговото присуство во кадарот, кое ве привлекува да го гледате дури и без да дејствува, без да зборува, без да се движи, дури и без да трепка со очите, вие сте ставени во ситуација да очекувате да случи нешто.
„Владо Јовановски е актер што во кадар може да чита од телефонски именик, а ние да го доживееме тоа како приказна, тажна и среќна во исто време. Владо Јовановски е она што на почетокот од ова патување наречено филм, од журналот го создало филмот, таков каков што го знаеме денес. Тој е посебна, оригинална, неповторлива уметничка величина и, за наша среќа, актер во најдобрите години од својот живот, од кого допрва ги очекуваме најизвонредните достигнувања на актерството во уметноста на филмот…“, посочи Ѓорговска-Илиевска.
Наградата му беше доделена од почесниот конзул на Република Србија во Македонија, Владимир Стајиќ.
Според проф. д-р Јани Бојаџи, директор на фестивалот, да се зборува за трето издание на фестивал што е создаден само од страста да се сподели светот на филмот со други луѓе, е „многу, многу тревожна работа“.
„Кога за прв пат ќе направиш нешто, на Медитеранот тоа се нарекува ‘имање среќа’, кога ќе се повтори тоа уште еднаш, ќе ти го опишат како „а бе, се случува“ и најпосле, кога е по трет пат, дури тогаш може да се рече дека тоа нешто навистина постои. Многу се радувам што ќе ги споделиме со вас овие незаборавни денови со приказни. Приказни од Балканот и од Медитеранот, за кои сум убеден дека ќе ги променат нашите верувања дека, на овој дел од светот, има смисла да се верува во што и да е ако е помалку од три пати“, рече Бојаџи.
Третото издание на фестивалот „Преку езерото“, традиционално, беше отворено од домаќинот, градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов.
Публиката уживаше во проекцијата на „Руски конзул“ на Мирослав Лекиќ, Србија, кој е истовремено и последниот филм на Мето Јовановски, а таа вечер беа прикажани и македонскиот „Параноик“ на Андреј Георгиев и францускиот „И покрај тоа што е ноќ“ на Гилермо Гарсија Лопез.
Претходно, во претпладневните часови, како дел од студентската програма во годинашното издание на „Преку езерото“, се одржа вториот пичинг на студентите на конкурсот за финансиска поддршка на дипломски филмови.
Со проекции на пет долгометражни филма, од кои четири играни и еден документарен, фестивалот, кој е единствен од ваков вид во Македонија, понуди програма за сечиј вкус, на отворено, на брегот од Дојранското Езеро.
Фестивалот се затвора вечерва (11 август), со доделувањето на фестивалски награди и грантови за дипломските студентски филмови.