Низ галерискиот простор на Музејот на Град Скопје распослани се стотина дела на Владимир Георгиевски, работени во масло на платно, темпера, пастел, туш, молив во боја и акварел, а со својата грандиозност, деталност и емоцијата што ви ја будат, не ве оставаат рамнодушен. Македонската јавност може да ја види изложбата и во текот на јануари

„Неповторливиот творечки потфат на Владимир Георгиевски (1942–2017) се темели на тоа дека уметникот е должен да ја говори вистината. Потрагата по вистината, еден од најзначајните македонски ликовни уметници ја започна наспроти современата култура на измамата, смело спротивставувајќи ѝ се на стварноста која е создадена од лажни слики, потфат што стана негов живот и негово искушение, што го одреди неговиот творечки пат и сите негови заталкувања, потфат што заврши со неговото заминување од овој свет кој го љубеше страсно, кој со воодушевување го истражуваше, кој се обиде да го разбере и кој го опседнуваше како нерешена загатка и тајна. Со неверојатен творечки самопрегор и задлабоченост во сопственото дело, наспроти површноста на времето во кое живееше, наспроти светот каде што вистината е прогонета, Георгиевски, од името на другите, од името на другите кои за тоа не сакаат ништо да знаат, трпелив како испосник во својата ќелија, во своето ателје ја бараше вистината. Во ова време на измама, тој јуначки ја биеше битката за вистината со привиденијата и призраците на бојното поле на своите слики“, истакнува Емил Алексиев, ликовен критичар и историчар на уметност, кон изложбата на Владимир Георгиевски поставена во Музејот на Град Скопје, која македонската јавност може да ја види и во текот на јануари.

„Паднатиот ангел“

Низ галерискиот простор на Музејот распослани се стотина дела на големиот уметник, работени во масло на платно, темпера, пастел, туш, молив во боја и акварел, а со својата грандиозност, деталност и емоцијата што ви ја будат, не ве оставаат рамнодушен. Георгиевски студирал сликарство во Белград, каде што завршил и постдипломски студии во 1970 г., добитник е на највисоката државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата во 2013, за животно дело од „Остен“ во 2014, како член на ДЛУМ учесник е на многу групни изложби, а самостојно се има претставувано во Скопје, Белград, Виена, Рим, Санкт Петербург…

„Дон Кихот и Росинанта читаат“

И затоа, гледајќи ги делата на уметникот, не можете да не се согласите со констатацијата на Емил Алексиев дека во најдобрата традиција на светското сликарство, со мајсторство на кое нема што да му се забележи, Георгиевски се обиде да му го врати на сликарството загубеното достоинство и одново да го доближи до филозофијата разбрана изворно како љубов кон мудроста.

„Градители“

„Наспроти современите насоки на движење на ликовната уметност, спроти времето и актуелноста, Георгиевски ја започнува својата творечка авантура движејќи се во спротивна насока од своите современици – одејќи назад, до затрупаните извори на уметноста, таму каде што сè почнува, враќајќи се кон загубените вредности на сликарството и на сликата, кон класичната формула и мајсторската форма“, посочува кураторот на изложбата Алексиев во новата монографија за творештвото на Георгиевски.

„Литургија“, масло на платно, 2001

На сликите на Георгиевски ги забележувате Исус Христос, Дон Кихот, паднати ангели, човечки тела, дланки, стапала, животни, градители, книги…

„Тој е сликар на современата стварност дури и кога е тешко препознатлива поради историската травестија. Симболизмот во неговото творештво, алегоријата, нарацијата и иронијата со која ги слика нештата не се противставени на основниот сликарски порив да ја направи видлива вистината за светот денес. Тие се само средства. Протагонистите на неговите слики парадираат во историски костими како во театар. Понекогаш тоа се современи ликови и сцени од секојдневниот живот претставени во историски костими и вкалапени во познати калапи од религиското сликарство или од книжевноста“, додава Алексиев, авторот на монографијата, истакнувајќи дека сликарскиот донкихотовски поход на Георгиевски, како борба против привидот, но и како некое историско освојување или враќање на загубените поседи на уметноста, со текот на времето ќе се претвори во безброј извојувани сликарски битки, во необична енциклопедија на нашето време.

„Дон Кихот и Санчо Панса“, масло на картон

Како што сублимира Алексиев, неговото творештво се опира на сите обиди да се класифицира, систематизира или да се подреди хронолошки. „Најголем дел од делата се недатирани, еден ист мотив е работен повеќе пати во различни временски периоди и во разновидни сликарски техники, сликите се преработувани и доработувани во обид да се пронајде најдобриот од сите можни модели. Неговото творештво е како животот – буи, блика, расте… не водејќи грижа за правилата и ограничувањата што ги наметнува современото општество, ниту, пак, води сметка за помодните трендови и вкусот на своите современици. Љубовта и смртта, метафоричниот пад во темнината и издигањето на човекот кон светлината, пронаоѓањето на таа метафизичка светлина во темнината на материјата, борбата на душата и телото, стремежот на душата кон височина, падот на човекот во калта на постоењето, страдањето на телото и восхитите на душата, се негови опсесивни теми, теми на кои тој одново и одново ќе се навраќа во обид да ја открие совршената форма што наполно ја изразува вистината. Само дух кој талка слободен, кој не ги следи однапред утврдените насоки на движење и поставените патокази, кој ја осознал смислата и кој ја знае целта на својата потрага, само таков дух може да дојде до вистината, да ја види и да ја наслика за да биде достапна до сите оние што се подготвени да го следат на тоа опасно и неизвесно патување“, пишува Алексиев, додавајќи дека цената што ја платил поради ваквата побуна против своето време и површноста на современата уметност ќе биде осаменоста, несфатеноста и непрепознавањето на неговото творештво. Парадоксално, вели Алексиев, додека публиката го прифаќа и препознава лесно како голем уметник, ликовната критика од неговото време нема да го види неговото дело како значајно, ниту ќе има искреност да ја препознае неговата посебност.

Покрај активното творење, меѓу 1980 и 2017 година уметникот работел како професор по сликарство, историја на уметност, сценографија, костимографија на УКИМ и „Еуропа Прима“. Затоа за уметникот Никола Пијанманов, Георгиевски секогаш ќе биде учител.

„Човекот со златното теле“, масло на платно, 1987

„По првата средба со професорот Георгиевски, како во некое откровение, сфатив дека ликовната уметност е една голема реакција на сите човечки дисциплини, естетски и духовни. Таа не е само специфичен занает. Туку начин на постоење. Книжевноста, музиката, филозофијата, идното и минатото време, сите тие вклопени во мигот на создавањето, во алхемијата на ликовниот чин. Во времето сегашно. Мигот кога длабокото чувство за минливоста на убавината, но и убавината на минливото, се втиснува како трага на постоењето. Владимир ми го покажа тој пат. Затоа секогаш ќе го викам учител, не професор“, посочува Пијанманов во својот текст посветен на уметникот, а поместен во монографијата.

Тој се потсетува и на неговото ателје.

„Тоа не беше обична сликарска работилница која мириса на терпентин и маслени бои, туку естетска лабораторија. Тоа катче во строгата форма на зградата од Архитектонскиот факултет беше издвоено со некоја необјаснива аура. Како средновековна работилница на некој неимар, градител на катедрали…“

„Влегување во Ерусалим“, масло на платно, 1994

Пијанманов најмногу ги сакал монументалните платна „Пасиите по Дон Кихот“, „Влегувањето на Христос во Ерусалим“.

„Ги поставуваше во вистинска екстаза и откровение. Постапуваше како Леонардо да Винчи или Микеланџело. Првин ги работеше во цртеж, монохромни на огромни хартии и картони, нешто слично на подготовка за фрескосликање или мурали. Тоа беше средновековен и ренесансен пристап кон ликовната материја и реализација на идејата. Цртежот му беше закон, стегнатата форма преку линијата во неговата уметност беше канон“, додава ученикот.

„Оние што го помнат, ќе го запомнат како седнат на своето триножно столче во ателјето, во својот син работен мантил, со рацете извалкани од боја, со звуците на Моцартовиот „Реквием“, кои допираа од старото радио, секој ден и во секој миг црташе и сликаше со чувство како да е последен, неповторлив и недофатлив…“ (Н.И.Т.)