Влада Урошевиќ од Струга ќе ја испрати поетската порака до светот

63

Во рамки на програмата ќе се претстават 32 странски и 30 домашни поети од различни генерации

Истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ е автор на поетската порака која ќе биде испратена на отворањето на годинешново 58. издание на Струшките вечери на поезијата што ќе се одржи од 21 до 28 август. На Урошевиќ по повод осумдесет и петгодишниот јубилеј во рамките на Програмата ќе му биде посветен посебен термин за поетски портрет. Како што истакна Тодорче Тасевски, директор на СВП, во рамки на Програмата годинава ќе се претстават 32 странски и 30 домашни поети од различни генерации.

“За да се зголеми видливоста и отвореноста на фестивалот, освен директниот пренос на главните фестивалски читања што ќе го врши националната телевизија, ќе биде обезбеден и live streaming на официјален Youtube канал со што ќе се овозможи следење на содржините на фестивалот ширум светот. За љубителите на поезијата планиран е и организиран превоз по симболична цена“, посочи Тасевски.

Од изданијата на Струшките вечери на поезијата, освен монографијата на добитничката на „Златен венец“, романската поетеса Ана Бландијана, книгата на добитничката на наградата „Мостови на Струга“, Моника Херцег, монографијата „Кој е кој“, четирите буклети во рамки на едицијата Версополис, од СВП ја издвојуваат и тематската антологија „Арката на Ное“ чиј приредувач е Иван Џепаровски, а чија тема е посветена на местото на поетската претстава на животинскиот свет во современата македонска поезија, поточно во песните на претходните добитници на наградата „Браќа Миладиновци“.

Во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“, пак, влегоа пет книги и автори што ќе бидат претставени на Фестивалот и од кои ќе биде прогласен добитникот. Меѓу нив се Митко Гогов – “Скриено писмо“, Јовица Ивановски – “Човек“, Наташа Сарџоска “Крстна коска“, Билјана Стојановска – “Стан што се распаѓа“ и Катица Ќулавкова – “Мои страсти, мои страданија“.

Струшките вечери на поезијата го претстави и промотивното видео на фестивалот, кое е инспирирано од јагулата како мотив, но и од симболиката на копнежот по утоката и нејзиното циклично враќање, поврзана со копнежот на Константин Миладинов изразен во најпознатата песна “Т’га за југ“.