Владата одлучи: Болни од корона ќе добиваат и помала плата!

За боледување поради ковид-19 вработените и во јавниот и во приватниот сектор ќе добиваат 70 проценти од платата за отсуство до седум дена, 80 проценти за отсуство до 15 дена и 90 проценти кога се на боледување над 15 дена, со тоа што во првите 30 дена исплатата е на товар на работодавецот, а потоа ја врши Фондот за здравствено осигурување. По реакцијата на невладините на одлуката вработените во јавниот сектор да бидат 100 отсто платени за отсуство од работа за боледување или изолација, а приватниот сектор да го следи  овој пример, Владата се рикверцира.

3256

На сите вработени без разлика дали работат во јавниот или приватниот сектор ќе им се крати од плата за боледување или изолација поради ковид-19, онака како што е предвидено со колективните договори. Владата неделава одлучи да ја повлече претходната одлука од 3 ноември со која првично овозможи вработените во јавниот сектор и во општините да ја добиваат целата плата кога се на боледување или кога се во изолација поради ковид-19. За приватниот сектор Владата даде препорака да го следи овој  пример.

Одземањето на претходно даденото право на вработените во јавниот сектор да добиваат цела плата кога се отсутни од работа поради ковид-19 според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска е резултат на реакциите на невладините организации и синдикатите дека се врши дискриминација на вработените во приватниот сектор.

-Реагиравме на владина седница и добивме задача како Министерство за труд ова на некој начин да го коригираме и министерството поднесе информација до владата, владата ја усвои информацијата и во таа информација ние се повикуваме на Законот за здравствено осигурување, секако и на колективните договори кои што го пресликуваат ова како одредба, изјави министерката и додаде дека сега пристапот е еднаков за сите.

А, еднаквиот пристап според колективните договори значи дека за боледување поради ковид-19 вработените и во јавниот и во приватниот сектор ќе добиваат 70 проценти од платата за отсуство до седум дена, 80 проценти за отсуство до 15 дена и 90 проценти кога се на боледување над 15 дена, со тоа што во првите 30 дена исплатата е на товар на работодавецот, а потоа ја врши Фондот за здравствено осигурување.

На ова жестоко реагира најголемиот синдикален сојуз во земјава, ССМ и ги обвинува невладините организации „Гласен текстилец“ и Хелсиншки комитет за човекови права дека манипулираат со работничките права, зашто наместо да им се придружат во иницијативата сите вработени да добиваат цела плата за боледување од ковид-19, повикувајќи се на дискриминација им го скратиле тоа право на вработените во јавниот сектор. Од ССМ велат дека веднаш реагирале и упатиле писмо до Владата и ресорното министерство.

-Во овие сложени здравствени услови последица на енормен број на заболени од вирусот корона, ССМ иницираше да се преземат активности за целосна реализација на правото на надомест на плата во висина од 100% од законската основица за работниците заболени или во изолација поради изложеност на вирусот. Во текот на преговорите изразивме задоволство затоа што наидовме на разбирање и конструктивен дијалог со Владата, односно добивме цврсто уверување дека ова наше барање ќе биде целосно уважено затоа што здравјето на работниците и граѓаните е приоритет на државата, појаснуваат од ССМ.

Тие бараат од државата да даде конкретно известување колку ќе добиваат сега вработените на боледување, за да нема различни толкувања за примена на правото. На ова реагираше Кристина Ампева од Гласен текстилец, која ССМ директно ја прозива, со закана дека за клеветите и навредите ССМ ќе си добие тоа што му следува.

-ССМ се прават недоветни и бараат права единствено за вработени од јавен сектор и ниеднаш не споменаа за работниците од приватен сектор. Премолчаа на еден куп препораки кои немаат никакво правно дејство ни облигација кои се однесуваа за приватен од март до денес. Не берат гајле ни во фабрики каде имаат членство, а сами кажаа плата се пуштала и по два денари. Ама за да нè нападнат нас кои сме дење ноќе со работниците, први се, напиша Ампева на Фејсбук.

Таа вели дека нема да дозволат дискриминација на вработени во приватен сектор.

-Не може да се бараат права и да бидат привилегирани оние од јавен, а овие од приватен работат за тој јавен да зема плата. Доста беше. А Дарко синдикалецот и ССМ нема да останат вака!, пишува Ампева.

На фејсбук-профилот на Гласен текстилец, чиј застапник е таа, вчера рано изутрина осамна соопштение со објава дека се бара ист третман на вработените во приватниот сектор со тие од јавниот, но со многу поблаг тон.

-Потенцираме дека како здружение најважна ни е солидарноста и затоа бараме вработените од јавниот и приватниот сектор да бидат еднакво третирани, согласно ратификуваните конвенции и Уставот како највисок орган, се вели во соопштението и се додава дека здружението и Ампева имаат редовни состаноци со Министерство за труд и социјална политика, Државниот инспекторат на труд, Инспекцискиот совет, ССМ и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

На еден од тие состаноци, појаснуваат, од непозната причина имале недоразбирање со ССМ.

-Очигледно, недоразбирањето било поради нивната претпоставка дека ние како здружение сме против донесениот заклучок за исплата на боледување и самоизолација во висина од 100% од плата за јавниот сектор. Нашите заложби беа (и сè уште се) единствено во насока вработените од приватен сектор да ги уживаат истите права како и вработените од јавниот сектор – и затоа сме против донесување само на “препорака” за исплата на боледување и самоизолација во висина од 100% во приватниот сектор (наша заложба е дека тоа треба да биде во вид на заклучок или измена на легислативата), посочуваат од Гласен текстилец и информираат дека специјалниот советник на премиерот за трудова и социјална политика Милан Живковиќ со кој имале состанок во средата доцна вечерта ги уверил дека солидарноста е приоритет на Владата и Министерството за труд и социјална политика, па затоа во наредниот период ќе се работи на заедничко решение кое ќе биде согласно заложбите на Владата и концептот “Едно општество за сите”.

Од Гласен текстилец ги повикуваат колегите од ССМ повторно да седнат и заеднички да ги решат недоразбирањата од претходниот состанок.

И додека синдикалците и невладините отвораат фронт работниците ставени во средина или губат веќе добиени права или не можат да ги добијат, а на нивна сметка државата и приватните работодавци заштедуваат пари. Според податоците од средата, во државата има над 19.000 заболени од ковид-19. На оние кои се вработени им се крати од платата поради боледувањето. Истото им се случува и на лицата во работен однос кои се во изолација. Само за една недела Државниот санитарен и здравствен инспекторат издал над 13.600 решенија за изолација. Од март, кога кај нас се појави ковид-19, позитивни беа безмалку 50.000 лица, а уште десетици илјади беа во изолација.

(С.В.)